• петок, 22 ноември 2024

Во последните три години намалена смртноста на новороденчињата во земјава

Во последните три години намалена смртноста на новороденчињата во земјава

Скопје, 31 мај 2023 (МИА) - Смртноста на новороденчињата во последните три години е намалена во Северна Македонија со што земјата предводи во однос на другите држави од регионот, истакна специјалната претставничка на Светската здравствена организација за Северна Македонија, Ане Јохансен на денешниот форум „Здравствена правичност, кохезија и отпорност во Северна Македонија: Кон трансформација на здравствениот систем“.

Според Јохансон, се уште постојат предизвици со кои се соочува здравствениот систем во земјава, но остварени се и многу значајни подобрувања. Посочи дека има реформи што се во тек и кои се остваруваат чекор по чекор, а се во насока на подобрување на севкупниот пристап кон здравствена заштита.

И министерот за здравство Фатмир Меџити во своето обраќање нагласи дека значително е намалена смртноста кај новороденчињата за краток временски период. 

- Како признание за нашите достигнувања, ние сме избрани како единствена земја во европскиот регион на СЗО што ќе биде вклучена во книга што треба да биде објавена од седиштето на СЗО за земјите ширум светот, кои се најуспешни во подобрување на здравствените резултати на мајките и новороденчињата. Ова е достигнување со кое треба да се гордееме, рече министерот.

Еден од главните приоритети на Министерството за здравство, како што посочи, е унапредувањето на пристапот до здравствените услуги, што беше и тема на овој форум, на кој се разговараше со сите засегнати страни.

 - Посебно сакам да истакнам дека во соработка со СЗО на експертско ниво, работиме на стратешки насоки за справување со клучните предизвици на здравствениот систем. Нашата заедничка цел е продлабочување на соработката на национално и локално ниво, како и меѓусебна соработка на повеќе сектори, во насока на унапредување на пристапот до здравствени услуги на сите граѓани. Во повеќе наврати досега потенцирам дека во фокусот на Министерството за здравство се пациентите и во таа насока продолжуваме стратешки да делуваме, подвлече министерот.

Според него, можно е во краток временски период да се направат промени, а за тоа, како што посочи, потребна е брза и решителна акција. - Затоа, изминативе неколку месеци посетив повеќе здравствени установи, разговарав со лекарите, медицинските сестри, како и со пациентите и нивните семејства се со цел подобро да ги разберам предизвиците со кои се соочуваат и за идентификување на областите на кои можеме да делуваме, рече Меџити.

Посочи дека со поддршка од агенциите на ОН се работи на изградба на систем за примарна здравствена заштита, којшто ќе ги задоволува потребите на населението. На давателите на примарна здравствена заштита, рече Меџити, треба да им се овозможи да дијагностицираат и препишуваат лекови за незаразни болести, како хипертензија и дијабетес, а потребно е и ажурирање на клиничките упатства и унапредување на електронскиот здравствен информативен систем.

- Би сакал да ја споменам потребата од што поитно ажурирање на позитивната листа со нови современи лекови за справување со незаразните болести, особено за хипертензија. Ова е главна причина што нашите граѓани плаќаат 40 отсто од здравствените трошоци, што резултира со тоа што 7 проценти од домаќинствата имаат високи трошоци за здравствена заштита, а 4 отсто се соочуваат со сиромаштија поради високите трошоци за лекови, рече Меџити.

Сето ова ќе се промени, нагласи тој, потсетувајќи дека неодамна се комплетирани пет нови клинички упатства и протоколи засновани на меѓународни упатства и докази за најчестите хронични заболувања и состојби - хипертензија, дијабетес, хронична опструктивна, белодробна болест, астма и хипотироидизам.

- Владата на 17 март усвои закон со кој на општите лекари им овозможи да ги дијагностицираат овие болести и да препишуваат лекови согласно наведеното во новите клинички упатства, кои исто така вклучуваат ажурирани рецепти. Фармацевтските компании сега ќе имаат можност да го изразат својот интерес за нови лекови, базирани на докази, со цел вклучување на позитивната листа. Дополнително, процесот на обединување на универзитетските клиники под едно правно лице и еден генерален менаџер, ќе ја подобри координацијата и ќе обезбеди оптимално искористување на ресурсите. Веќе го почнавме процесот во Владата за укинување на организациските директори и пренасочување на средствата кон подобрување на грижата за пациентите, подвлече министерот.

На Националниот форум за здравство имаше учесници од голем број сектори, здравствени установи, претставници од локални власти, но и претставници од невладиниот сектор, од граѓанските и професионалните здруженија, кои од свој аспект можеа да дадат придонес кон надминување на предизвиците во оваа област. бд/бак/

Фото: МИА

Остани поврзан