• среда, 27 ноември 2024

Меџити: Владата со 34,5 милиони евра ќе гради кампус на Универзитетот „Мајка Тереза’“ во Скопје

Меџити: Владата со 34,5 милиони евра ќе гради кампус на Универзитетот „Мајка Тереза’“ во Скопје

Скопје, 3 септември 2024 (МИА) -  Одлука за инвестиција во вредност од 34,5 милиони евра за изградба на кампусот на Универзитетот „Мајка Тереза’“ во Скопје е донесена денеска на седница на Владата.

Првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на прес-конференција попладнево  информираше дека кампусот ќе има амфитеатар, канцеларии за академски дел, спортска сала, базен, менза. Ќе биде модерен комплекс со сите потребни елементи за подобар стандард за студентите, најави Меџити.

Овој проект, рече тој, не е само обична градба, туку симбол на нашата визија за светла иднина за младите и за нашата земја.

- Со децении генерациите сонувале за ваков образовен центар кој ќе го збогати не само знаењето туку и душата на целата нација. Денеска тој сон се остварува. Во Универзитетот „Мајка Тереза“ се запишани околу пет илјади студенти од цела земја. Проектот е спремен. Доставен е до Министерството за транспорт. Зборувавме со министерот Александар Николоски и заменик-министерката Калтрина Зеколи Шаќири, работат интензивно да се добие дозволата за градба која ќе биде еден од условите заедно со финансиската основа да се отвори тендер. Се подготвуваат постапките. Ќе се добие и дозвола за градба, што е предуслов за отворање, односно за камен темелник на кампусот, рече првиот  вицепремиер.

Според Меџити, започнувањето на процедурите за изградба на овој универзитетски кампус од страна на новата Влада е повеќе од потребно и од посебно значење за создавање на најдобри услови за младите и за нивно задржување во државата.фф/лв/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан