• четврток, 04 декември 2025

Меѓу ослободените заложници се и германско-израелските близнаци Гали и Зив Берман, прва средба по две години

Меѓу ослободените заложници се и германско-израелските близнаци Гали и Зив Берман, прва средба по две години

Тел Авив, 13 октомври 2025 (МИА) -  Германско-израелските близнаци Гали и Зив Берман се сретнаа повторно за прв пат по повеќе од две години заложништво откако утринава беа ослободени од палестинската милитантна група Хамас согласно условите на мировниот договор за Газа поддржан од САД.

Близнаците (28) беа киднапирани во израелски пограничен град за време на нападите на 7 октомври 2023 година и беа држени одделно заложници 738 дена, јави ДПА.

Израелската војска објави фотографија на која се документира нивното повторно обединување по нивното ослободување.

Четворица од 20-те заложници ослободени денеска имаат двојно германско-израелско државјанство, додава германската агенција. 

Телата на 28 други заложници исто така треба да бидат вратени во Израел според условите на мировниот договор, но не е јасно кога Хамас ќе може да ги предаде.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер денеска го поздрави ослободувањето на заложниците.

„По повеќе од две години во брутално заробеништво, денес повеќе заложници на Хамас конечно се враќаат во Израел“, рече Штајнмаер.

Канцеларијата на Штајнмаер соопшти дека претседателот „им пишал на ослободените германски заложници и изразил надеж дека постепено ќе можат да ги остават зад себе последиците од насилството што го претрпеле“.

Шефот на германската дипломатија Јохан Вадефул, исто така, ги пофали случувањата.

„Момент на радост, но и момент на трепет, бидејќи секако знаеме дека некои всушност се враќаат само како мртви тела“, изјави Вадефул за радио Дојчландфунк. „Многу е трогателно бидејќи меѓу ослободените има и доста луѓе кои имаат германско државјанство“.

Канцеларот Фридрих Мерц е меѓу светските лидери кои денеска патуваат во египетското одморалиште Шарм ел-Шеик за да присуствуваат на церемонијата на потпишување за запечатување на мировниот договор, три дена откако стапи во сила прекинот на огнот.

Берлин вети дека ќе ја поддржи имплементацијата на мировниот план поддржан од САД и очекува да игра улога во реконструкцијата на Појасот Газа.

На церемонијата во крајбрежниот одморалиште е предвидено да присуствуваат 19 шефови на држави и влади, вклучувајќи го американскиот претседател Доналд Трамп, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, и претседателот на Европскиот совет, Антонио Коста, исто така, треба да бидат присутни.

Декларацијата за мировниот план на САД ќе ја потпишат Трамп, египетскиот претседател Абдел-Фатах ал-Сиси, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган и емирот на Катар, Тамим бин Хамад ал-Тани.сд/

Остани поврзан