• четврток, 04 декември 2025

Меѓународна научна конференција по повод 50 години постоење на Институтот за социологија при УКИМ

Меѓународна научна конференција по повод 50 години постоење на Институтот за социологија при УКИМ

Скопје, 10 септември 2025 (МИА) - Педесет години постоење на Институтот за социологија при Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ - Скопје е значаен јубилеј и се одбележува со меѓународна научна конференција, на која партиципираат околу 30 учесници од земјава и од странство.

Ректорката на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Биљана Ангелова пред почетокот на конференцијата изјави дека се работи за значаен јубилеј. 

- Го одбележуваме достоинствено, со голема меѓународна конференција на која има околу 30 учесници, од земјава и надвор од неа. Темата е многу провокативна - промените во нашето општество, од глобализација, миграции и сите нивни импликации врз социолошките аспекти. Битно ни е сите овие настани кои ги организираме за да го одбележиме она што се случува на нашиот универзитет, бидејќи освен наставата и истражувањата, кои се приоритет на нашиот универзитет, исто така многу важна е и ова е трета димензија, нашата општествена одговорност и општествено влијание кое го постигнуваме со организирање на овие меѓународни собири, конференции, рече Ангелова.

Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски изјави дека Владата и ресорнито министерство соработуваат со најстариот и најдобриот универзитет во Македонија, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“-Скопје и заедно ги одбележуваат најважните датуми и јубилеи. 

- Денес сме собрани за да дискутираме на социолошки теми, кои значат промени во општеството, промени кои неминово се поврзани со процесот на дигитална трансформација, рече Андоносвки, кој изрази задоволство што на високонаучно ниво може да дискутираат во домашни и меѓународни рамки на теми кои, како што рече, не засегаат сите како општество, но гледајќи од еден поширок аспект.

Најави дека и понатаму ќе продолжат да соработуваат со високообразовните институции во државата, да ги поддржуваат, со цел да стигнеме до квалитетот кој, како што рече, неминовно се бара и да бидеме компаративно подобри споредено со универзитетите од регионот и светот. - Ако напредуваме во сите други области, неминовно мораме да направиме општествен напор да напредуваме и во оваа област, истакна Андоновски.

Деканот на Филозофскиот факултет во Скопје проф. д-р Оливер Бакрески изјави дека кога се зборува за Инстутот за социологија се мисли на одредници кои го обликуваат постоењето на еден народ, на една култура, на една традиција...

- Станува збор за исклучително важен институт бидејќи постојано заедно професорите и студентите имаат јасно дефиниран официјален став за сите прашања кои го засегаат нашето општество. Тоа значи дека со ова на некаков начин се потврдува и општествена релевантност и вредност на Институтот, и Инстутутот со овој сензибилтет го потврдува неговиот квалитет и примерот како треба да се пристапува, и како да се приоаѓа на проблемите кои се од заеднички инстерес и се она што е во општествен контекст, рече Бакрески.

Проф. д-р Ило Трајковски, раководител на Институтот за социологија изјави дека 50 години од формирањето на Институтот за социологија при Филозофскиот факултет во Скопје е јубилеј што е достоен за почит, за Институтот, за Факултетот, за Универзитетот.  - Благодарен сум на поддршката од Универзитетот за организација на оваа меѓународна конференција, со 25 гости од странство, наши притаели со кои сме соработувале изминатите 50 години, додаде Трајковски. 

На новинарско прашање дали има интерес младите да се запишат на овој институт и за проблемот со иселувањето од нашата земја, Трајковски рече дека одбележувањето на овој ден е и порака до студентите, до идните генерации дека во Македонија се негуваат долгите традиции на социолошка, општествена, хуманистичка мисла која го очовечува живеењето во една средина. 

- Една од причините за иселување од Македонија се рабира се состојбите кои ги имаме на тој план. Но, да сме реални, Македонија е во овој регион каде се наоѓа, каде демографските процеси ги погодуваат сите земји во опкружувањето. Нормално е во време на глобализација, дигитализација, имаат информации со кои им се достапни сите случувања во светот и да посакауваат да живеат и таму.  Ние како институции, и државата и Универзитетот, сме должни да правиме тоа што можеме на стручен, професионален план, да создаваме услови за младите да се наоѓаат себе си тука, своите кариери тука да ги наоѓаат.  Не само да студираат, туку и да се вработуваат. Тоа е исто така еден голем проблем кој се обидуваме да го решаваме, во соработка со власта, рече Трајковски.

На чувството да се живее тука или не влијаат и елементарните услови за опстанок и животна егзистенција, што кај нас, како што рече, е поприлино загрозено. 

-Но, што можеме во тој дел? Секој од нас треба да си ја работи работата за која е платен како човек и професиоанлец, особено во јавните институции. Една од темите за која расправаме е нормалноста. Нам ни се случува процес на нормализација на девијантното, на она што отстапува, помалку или повеќе на ненормалното. На оваа конференција ќе разговараме за тоа како се редефинира во овие околности тоа што е стандард, прифатено како нормално во нашето општество и во светот. И од тука во Скопје ни станува нормално да живеееме и да дишиме загаден воздух, ама не е нормално. И со тоа не смееме да се помируваме, напротив треба да го бараме ненормалното за да бидеме нормални, изјави Трајковски. мд/вј/

Фото и видео: МИА 

Остани поврзан