• недела, 22 декември 2024

Меѓународна научна конференција „Времени безбедносни бранувања или нова светска архитектура на безбедноста“

Меѓународна научна конференција „Времени безбедносни бранувања или нова светска архитектура на безбедноста“

Дојран, 4 септември 2023 (МИА) - Научното истражување за безбедноста не може да се стави надвор од концептот за кој е наменето, а најголемата цел на науката е да му служи на човештвото, порача министерката за одбрана, Славјанка Петровска на отворањето на Меѓународна научна конференција на Институтот за безбедност, одбрана и мир на Филозофскиот факултет-Скопје „Времени безбедносни бранувања или нова светска архитектура на безбедноста“ што се одржува во Дојран.

-Ние живееме во време на предизвици во кои ќе биде испишана нова историја. Во вакви времиња не можеме да молчиме како пасивни гледачи, туку мора да дејствуваме како проактивни носители на промените и заштитници на вредностите врз кои се гради нашето општество. Светот се соочува со најголемата агресија по Втората светска војна, а покрај војната во Украина се соочуваме со свет полн со нови предизвици кои ја придвижуваат новата безбедносна архитектура. Улогата на НАТО е многу зголемена и Алијансата повторно се смета како чувар на суверенитетот на народите и либералните вредности во системот на колективната безбедност, рече Петровска.

Деканот на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Ратко Дуев, во поздравниот говор рече дека овој пат годишната конференција е посветена на промислување на механизмите за безбедност, мир и развој кои се поврзани со севкупните промени, вклучително и политички, воени, геополитички, економски, општествени и еколошки прашања низ фокусот на времените безбедносни бранувања или новата светска архитектура на безбедност.

-Живееме во време во кое последиците од пандемијата од Ковид и војната во Украина нанесоа сериозни бранувања на светската безбедност, особено во Европа. Брзината на настаните од последните неколку години и проблемите со кои се соочија безбедносните системи, всушност бараат брза реакција за намалување на последиците, рече деканот Дуев.

На отворањето говореа и претседателката на Комората на Република Северна Македонија за приватно обезбедување, Верица Милеска Стефановска и градоначалникот на Дојран, Анго Ангов.

На конференцијата, која завршува на 7 септември, свои обраќања ќе имаат 80 учесници од нашата држава, ЕУ, САД и други земји.рт/вј/

Фото: МИА

Остани поврзан