Меѓународна конференција за раст и отпорност во Централна, Источна и Југоисточна Европа во Дубровник
- Хрватскиот град Дубровник денеска и утре ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Раст и отпорност во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) во пофрагментиран свет“.
Брисел, 29 мај 2025 (МИА) – Хрватскиот град Дубровник денеска и утре ќе биде домаќин на меѓународната конференција „Раст и отпорност во Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈЕ) во пофрагментиран свет“.
Конференцијата, чии организатори се Хрватската народна банка и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), ќе собере истакнати личности од меѓународните институции, централните банки, националните влади, академските кругови и приватниот сектор.
Воведен говор на собирот ќе има еврокомесарот за економија, продуктивност, имплементација и поедноставување Валдис Домбровскис. На оваа прва сесија на собирот, посветена на зајакнувањето на економска отпорност на регионот во услови на актуелната глобална неизвесност, меѓу другите ќе говорат и директорката на ММФ, Кристалина Георгиева и словенечкиот министер за финансии Клемен Боштјанчич.
Конференцијата е замислена како платформа за истражување на предизвиците и можностите со кои се соочуваат земјите од Централна, Источна и Југоисточна Европа во услови на зголемената глобална економска и политичка фрагментација.
Клучните теми за кои ќе се дискутира на собирот се поврзани со зајакнувањето на отпорноста на макроекономските политики, подобрување на улогата на регионот во рамките на Европскиот единствен пазар и унапредување на приоритетите за структурни реформи. сп/
Фото: МИА Архива