• петок, 05 декември 2025

Меѓународен договор за деловна соработка на КСОМ и српскиот Самостоен синдикат за занаетчиство

Меѓународен договор за деловна соработка на КСОМ и српскиот Самостоен синдикат за занаетчиство

Скопје, 8 јуни 2025 (МИА) - Конфедерацијата  на  синдикални организации на Македонија (КСОМ) и Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништо од Република Србија денеска потпишаа Меѓународен договор за деловна соработка. Договорот го склучија претседателот на КСОМ Марјан Ристески и претставникот на српскиот Самостоен синдикат за занаетчиство Синиша Костиќ.

Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништо е дел од Сојузот на самостојни синдикати во Србија.

Како што беше речено по потпишувањето на Договорот, во Србија има два репрезентативни синдиката, а со еден од нив се потпишуваат колективни договори. Во рамки на официјализираната соработка, КСОМ ќе ги користи искуствата и ќе се консултира на кој начин се пресметува минималната плата во Србија.

- Во перидот што следи се надеваме на соработка и со претседателот на Сојузот на самостојни синдикати во Србија со што ќе стекнеме искуства и ќе го искористиме нивното членство во останатите меѓународни синдикати, рече Ристески на денешната прес-конференција.

Според него, овој период во Македонија е актуелен за синдикалното делување.

-Веќе се формира Економско-социјалниот совет. Следат прашања од огромен интерес, каде треба да се конституира Економско-социјалниот совет, да разговараме за минималната плата, за Законот за работни односи и затоа ние сакаме преку овие средби, кои во иднина ќе следат почесто, што поподотвени да видиме што покажуваат искуствата, на кој начин тие ја пресметуваат минималната плата. Сведоци сме дека секаде во регионот минималната плата е повисока од Македонија. Да се потковаме со повеќе аргументи и што поподготвени да влеземе во разговори со Владата и Организацијата на работодавачи, истакна Ристески.

Претставникот од Самостојниот синдикат за занаетчиство, услуги и претприемништо од Република Србија Костиќ објасни дека се дел од Сојузот на самостојни синдикати во Србија, најголем синдикат во Србија со над 500 илјади членови. Во Србија, рече, има уште еден синдикат, кој е исто така репрезентативен. Тоа морало да се направи за да можат да се потпишуваат колетивни договори. Како што напомена, мора да има преговарачи за колективни договори и Владата на Србија или фирмите ги потпишуваат колективните договорите со еден од репрезентативните синдикати. 

- Се надевам дека оваа соработка ќе биде долга и дека заедно ќе работиме на подобрување на односите на синдикалните организации меѓу двете земји, истакна Костиќ, додавајќи дека ќе направат се што можат за да му помогнат на КСОМ во однос на соработката со меѓународните синдикати, како оној од Романија. мд/мч/

Фото: МИА 

 

 

Остани поврзан