Меѓународен влашки етнофестивал „На Петровден сите на планина“ на Пониква
- Влашката пејачка група „Грамостеањ“ од Скопје беше организатор на 15. Меѓународен влашки етнофестивал „На Петровден сите на планина“, што денеска се одржа во рекреативниот центар Пониква на О
Кочани, 9 јули 2022 (МИА) – Влашката пејачка група „Грамостеањ“ од Скопје беше организатор на 15. Меѓународен влашки етнофестивал „На Петровден сите на планина“, што денеска се одржа во рекреативниот центар Пониква на Осоговските Планини.
На фестивалот годинава настапија шест фолклорни групи од земјава и странство, кои се претставија со дел од богатото народно музичко творештво од регионот од кој доаѓаат.
-Ниту неповолните временски услови што ги имавме денеска, како што ни епидемијата од Ковид-19 во изминатите години, не нè спречи во реализацијата на фестивалот што овде се одржува веќе една и пол деценија. Иако поради дождот бевме принудени наместо на отворено, програмата да ја спроведеме во затворен простор, со што изостана настапот на играорците, сепак публиката можеше да ужива во традиционалната влашка песна, во која се пее за љубовта, за старите обичаи поврзани со сточарството и за посветеноста кон семејството и пријателите. Имаме три домашни, две фолклорни групи од Романија и една од Србија, со што по двегодишна пауза поради здравствената криза, нашиот фестивал го враќа меѓународното реноме, истакна Драги Костов, претседател на влашката пејачка група „Грамостеањ“.
Етнофестивалот на Пониква е дел од програмата за култура на Општина Кочани и се одржува во рамки на одбележувањето на верскиот празник посветен на Свети Петар, заштитникот на Кочани.
–Чест ни е што токму за празникот на нашиот град сме ваши домаќини и горди сме што и годинава културната традиција на Пониква продолжува и се исполнуваат заложбите за соработка меѓу сите етнички групи во регионот и пошироко. Власите овде се занимавале со сточарство, многу семејства потекнуваат од овој регион, поради што даваме поддршка на одржувањето на традициите и обичаите, истакна градоначалникот на Општина Кочани, Љупчо Папазов, кој го отвори фестивалот..
Меѓународниот влашки етнофестивал „На Петровден сите на планина“ се одржува со финансиска поддршка од Министерството за култура, како и од Комерцијална банка АД – Скопје. та/мд/