• четврток, 21 ноември 2024

Меч подарен од Наполеон оди на наддавање

Меч подарен од Наполеон оди на наддавање

Лондон, 4 ноември 2024 (МИА) - На 12 ноември на аукција во Лондон ќе биде понуден меч од времето на францускиот император Наполеон Бонапарта. Организатор на наддавањето е британската Аукциска куќа „Чарлс Милер“.

Се работи за борбен меч без скапоцени камења и украси. Оружјето долго 80 сантиметри, со закривено и сѐ уште многу остро сечило, најверојатно, Наполеон му го одзел на поразен војник, а потоа му го подарил на еден британски офицер. Се проценува на првична цена од 30.000 до 50.000 фунти (35.000 до 59.000 евра).

Малку е познато за потеклото на мечот. Неговиот заоблен облик е „типичен за мавританските мечеви“, вели стручњак од аукциската куќа. Според појаснувањето, Наполеон веројатно го зел мечот по битка и го чувал како еден вид воен трофеј.

На мечот има и натпис: „Подарок на Наполеон Бонапарта на Џејмс Керни, 1815 година“.

Артефактот се спомнува и во тестаментот на Керни - поморски офицер. Тој документ се чува во Националниот архив на Велика Британија.

„Имајќи предвид дека тоа е прилично обично парче оружје, веројатно Наполеон не чувствувал потреба да го задржи за себе и - тоа е прилично логичен подарок за еден војник“, соопштија од аукциската куќа.

Наполеон, принуден да абдицира на 6 април 1814 година и прогонет на островот Елба - меѓу Италија и неговата родна Корзика, се обидел да ја преземе власта повторно. По битката кај Ватерло каде што францускиот освојувач е поразен, Англичаните го депортирале на Света Елена - мал остров во јужниот дел на Атлантскиот Океан.

Наполеон натаму бил снабдуван од британски бродови и во таков случај се сретнал со Џејмс Керни, чија фрегата превезувала вино за поразениот француски владетел. Наполеон му го подарил мечот на британскиот офицер и предметот останал во сопственост на неговите потомци повеќе од два века. Семејството на Керни неодамна одлучиле да го продадат ова историско ладно оружје.  си/

Фото: „Телеграм", фотоисечок

Остани поврзан