• петок, 05 декември 2025

Мецола за ЕНР/МИА: Европските граѓани сакаат едноставност, покрив над главата, безбедност и чесност 

Мецола за ЕНР/МИА: Европските граѓани сакаат едноставност, покрив над главата, безбедност и чесност 

Стразбур, 10 септември 2025 (МИА) - Очекувам денешното обраќање на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен за „Состојбата на Унијата“ да не биде само список на божиќни желби, туку да содржи конкретни заложби во услови на денешниот многу предизвикувачки свет, порача претседателката на Европарламентот, Роберта Мецола во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.  

- Tоа не е само годишен преглед, голем список на божиќни желби. Како избрани претставници, мора да одговориме на многу јасните и основни прашања што нашите граѓани ни ги поставија минатата година кога гласаа за нас. Нашите граѓани сакаат поедноставни правила, сакаат покрив над главата, сакаат безбедност и сакаат чесност, изјави Мецола. 

Во однос на Трговскиот договор меѓу ЕУ и САД, Мецола наведува дека од пратеничките групи во Европскиот парламент пристигнуваат различни реакции на документот и дека може да се дебатира за тоа како е тој постигнат и дали е совршен. 

- Секако ние сме континент со „нула царини“, веруваме дека царините носат загуба за сите страни, и за потрошувачите, но и за нашите бизниси, особено за малите претпријатија. Но, и нашите големи индустрии имаат потреба од предвидливост и тоа е барањето број еден на Парламентот, рече Мецола. 

Според неа, од секои преговори се очекува одреден резултат и треба тој да биде применлив и да обезбеди заштита и задоволување на индивидуалните потреби на земјите членки, па затоа Европарламентот сака да се осигура дека секторите и европските граѓани се заштитени со трговските договори.  

На прашање за коментар на случувањата со протестите во Србија, Мецола најави дека ќе има средба со претседателката на српското Собрание, Ана Брнабиќ, при што ќе и пренесе дека Белград треба да се однесува со почит кон членовите на Европскиот парламент и на институцијата во целина. 

- Во врска со ова разговарав и со премиерите на земјите членки и ќе разговарам и со неа. Мислам дека твитовите не се доволни, па затоа донесов одлука да сторам нешто затоа што ја познавам, таа беше премиер, а сега е претседател. Ќе разговарам со неа. Ги информирав и колегите кои многу помагаа и следеа што се случува на улиците, рече Мецола без да даде конкретен коментар за протестите. 

Запрашана дали смета дека тоа што досега немало конкретни акции на ЕУ против Израел поради случувањата во Газа не ја зголемува перцепцијата во јавноста за слабост на Унијата, Мецола вели дека блокот од самиот почеток повикува на траен прекин на огнот и е главен донатор на хуманитарна помош.

- Но, зошто хуманитарната помош не стигнува до луѓето што гладуваат? Прашањето е дали не пристигнува или не се дистрибуира. Дали бомби се уште паѓаат врз невини цивили? Од каде ќе почнеме реално да го бараме решението за две држави, што е наш став со децении? Исто така, има јасна согласност меѓу земјите членки, дека Газа под контрола Хамас не е одржливо решение, вели Мецола, додавајќи дека сегашната ситуација не може да продолжи  

Според неа, загрижува тоа што на ставот на ЕУ влијаат разликите меѓу земјите членки, но, како што нагласи, хуманоста секогаш мора да остане приоритет број еден, за што ЕП од секогаш се залага. 

На прашање дали го споделува мислењето на потпретседателката на Европската комисија за чиста, праведна и конкурентна транзиција Тереза Рибера, која говорејќи за случувањата во Газа и израелските постапки го употреби зборот „геноцид“, Мецола истакна дека тоа е прашање за кое се преговара околу резолуцијата за состојбата во Појасот, по која европратениците треба да се изјаснат утре. 

- Има некои колеги, а тоа е став и на некои земји членки, кои велат дека тоа е несоодветен збор, а други го велат спротивното. Каков ќе биде исходот од преговорите за резолуцијата и од гласањето ќе видиме в четврток, изјави Мецола во врска со документот за случувањата во Газа во услови кога социјалдемократите, зелените и партиите од левицата инсистираат во неа да се наведе дека постојат „јасни докази за геноцид“, што не наидува на поддршка од останатите, пред се на Европската народна партија (ЕПП).  

Но, Мецола се надева дека и покрај одредени разлики, проевропското мнозинство во Европарламентот на ЕПП, социјалдемократите и либералите може да продолжи да функционира, иако, како што вели, динамиката е променета во споредба од пред 12 години и можни се повеќе функционални мнозинства.  

- Но, ако ги проверите гласањата во текот на изминатата година во над 84 отсто ќе видите дека центарот се држеше цврсто. Тој центар треба да продолжи да се држи цврсто, ако постои разбирање. Ако сакаме да градиме, а не да уништуваме, треба да работиме заедно. Тоа бара многу работа. Потребно е луѓето да се здружат. Потребно е и давање и земање. Не може една група да дава, а друга да зема цело време. Мора да има рамнотежа, додава Мецола. 

Таа смета дека на крајот се се сведува на подготвеност за заедничка работа и е уверена дека таа постои меѓу партиите од центарот. 

- Мојата заложба е проевропското мнозинство во овој Дом да продолжи да функционира без обвинувања од лево кон десно за тоа дека некој се здружува со некој дел од екстремистите. Тоа е мојата желба, заклучи Мецола. 

Во врска со барањето на шпанската Влада за употреба на каталонскиот, галицискиот и баскискиот јазик на пленарните седници на Европскиот парламент, Мецола изјави дека побарала за тоа прашање да се изјасни работната група задолжена за јазичните прашања, каде и по една година работата „се уште е во тек”. 

Таа потсети дека имало барање поднесено од европратеник за користење на луксембуршкиот јазик на пленарни сесии, како и дека би можело да дојдат и барање за други јазици, како турскиот, поради што, како што вели , прашањето „не е едноставно за решавање”.  

- Но, никогаш не се плашам да видам што може да се направи, изјави Мецола во интервјуто за ЕНР. сп/са/

Фото: ЕНР

Остани поврзан