Мециновиќ: Скопската кампања ќе донесе позитивни резултати за сите скопски општини
- Левица го отвори изборниот штаб во Општина Центар. На отворањето на штабот, кандидатот за градоначалник на Град Скопје на Левица, Амар Мециновиќ зборувал за текот на кампањата, предизвиците и енергијата која партијата ја вложува во овие избори.
Скопје, 11 октомври 2025 (МИА) - Левица го отвори изборниот штаб во Општина Центар. На отворањето на штабот, кандидатот за градоначалник на Град Скопје на Левица, Амар Мециновиќ зборувал за текот на кампањата, предизвиците и енергијата која партијата ја вложува во овие избори.
Мециновиќ оценил дека најтешкиот дел од изборната трка, односно почетокот и преткампањата се веќе зад нив.
-Сега, кога сме веќе во средиштето на кампањата, темпото е прилагодено и супер ни оди. За разлика од претходните избори, сега знае каде ја трошела енергијата на претходните избори без да добие конкретни резултати и не се расплинува на неефективни методи. Тоа ни го даде искуството и ништо друго. Искуството кое ние сами го создаваме, искуството кое не ни е поклонето ни преку агенции, ни преку фирми за пи ар, ни преку политолошки анализи. Ние тоа го правиме сами, опипувајќи го пулсот на нашиот народ, рече Мециновиќ.
Тој борбата на Левица ја споредувал со борбата на Давид против Голијат и додал оти ова што го прават е најголемата политичка борба во изминатите триесет години во Македонија, во која големите политички играчи ги имаат сите финансиски и државни капацитети на нивна страна. -Во оваа кампања мислам дека ни стана на сите јасно дека го немаат нашиот ум, ја немаат нашата креативност и ја немаат нашата желба за промена, вистинска и реална промена. Многу е убаво чувството за овие избори, затоа што мислам дека го даваме максимумот, а тоа се гледа, посочил тој.
Мециновиќ оценил дека граѓаните сега се многу поотворени и понаклонети кон Левица, што според него е резултат на нивното праламентарно делување.
- Некој да ни збореше, пред четири години, дека ние сме потенцијален фаворит пред СДСМ за да влеземе во втор круг во Град Скопје, тоа не би му верувале. Јас мислам дека скопската кампања ќе донесе позитивни резултати за сите скопски општини. Ќе згазиме, секој ден ќе бидеме на терен, помеѓу граѓаните. Вие ќе бидете нови сили во советот. Левица веќе не е партија на јабанџии, ова е партија која ќе го детронизира монополот на ВМРО и СДСМ, им порачал Мециновиќ на кандидатите за советници.
Мециновиќ потсетил дека политиката мора да се заснова на секојдневниот живот на луѓето.
-Кога зборуваме за политика ние буквално зборуваме за мајки со колички кои не можат да поминат на тротоари од автомобили, зборуваме за средношколци кои не можат да стигнат навреме на часови, зборуваме за работници кои работат по две работи и кои не можат да стигаат од една до друга. Политиката мора да продолжат да ја гледаат низ призмата на секојдневието. Да зборуваме за човекот – за секојдневниот скопјанец, за секојдневниот Македонец. Тоа е равенката која ни донесе успех и која никогаш не смееме да ја напуштиме, нагласил Мециновиќ. фф/бак/
Фото: Левица