• сабота, 23 ноември 2024

Мета и Ким се ракуваа, но седеа на оддалеченост на воената вежба во Тирана

Мета и Ким се ракуваа, но седеа на оддалеченост на воената вежба во Тирана
Тирана, 23 мај 2021 (МИА) - По неколкуте недипломатски изјави што тој ги упати на адреса на американската амбасадорка Јури Ким, денеска за првпат албанскиот претседател Илир Мета, се најде на исто место со амбасадорката и се ракуваше со неа. Тие присуствуваа на активност што е дел од големата воена вежба „Defender Europe 2021“, што се одржа на плоштадот „Мајка Тереза“ во Тирана, каде, сепак, очигледно беше растојанието на кое беа седнати, а ги раздвојуваше премиерот Еди Рама. По обраќањето на амбасадорката Ким, која порача дека САД има вистински и храбар сојузник како Албанија, се обратија Мета и Рама. Мета истакна дека вежбата на албанските со американските трупи е успешна и сите цели се постигнати. Тој додаде дека поддршката и размената на искуства меѓу вооружените сили на двете земји ќе послужат за зголемување на одбранбените способности на Албанија во иднина - Поддршката и споделувањето искуства меѓу нашите и американските сили ќе послужат за зголемување на нашите одбранбени способности во иднина. Изразувам срдечна благодарност за придонесот и поддршката на САД и другите земји кои ја избраа нашата земја како земја домаќин за организација на оваа важна вежба. Како земја-членка на НАТО, ние сме земја високо ценета за овој факт. НАТО е најголемиот сојуз на слободата и довербата на албанскиот народ и поддршката за него е едногласна, како и за нашата европска вокација, истакна Мета. Од своја страна премиерот Рама во обрајќањето изрази посебна благодарност до амбасадорката Ким која „дала нов квалитет во односите меѓу двете земји“. - Чест и привилегија е што денеска сум тука во име на Владата можам да искажам признание кон сите војници вклучени во вежбата, која е толку многу значајна. Посебна благодарност до амбасадорката Ким како прва личност во поддршката на барањата и потребите на нашата земја, како во зајакнувањето на нашите одбранбени капацитети, така и на нашите правосудни капацитети. Посакувам големото пријателство меѓу Албанија и САД да биде вечно и како што рече амбасадорката и денес, утре и засекогаш да бидеме рамо до рамо, рече меѓу другото Рама. На плоштадот „Мајка Тереза“ беа демонстрирани воени активности и опрема, која можеа да ја видат граѓаните но и непосредно да разговараат со војниците. вт/ми/

Остани поврзан