Мерц ја поддржува новата германска миграциска политика и покрај критиките од ЕУ
- Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја бранеше новата миграциска политика на неговата влада, велејќи дека таа останува во согласност со одговорностите на Германија кон нејзините европски соседи.

Штутгарт, 17 мај 2025 (МИА) – Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска ја бранеше новата миграциска политика на неговата влада, велејќи дека таа останува во согласност со одговорностите на Германија кон нејзините европски соседи.
- Ве молам, не дозволувајте никој да ви каже дека ова сега е, така да се каже, против нашите европски соседи, рече Мерц на конференција на покраинската партија на неговите Христијански демократи (ЦДУ) во југозападниот град Штутгарт.
- Разговарав со сите, и сите знаат што мислиме: Сакаме да го решиме овој проблем заедно, но не можеме да прифатиме голем дел од нерешениот проблем да заврши во Сојузна Република Германија, рече новиот канцелар.
Коалицискиот договор на ЦДУ со нејзината сестринска партија Христијанско-социјалната унија (ЦСУ) и левоцентристичките Социјалдемократи (СПД) ја содржеше одредбата: „Во консултација со нашите европски соседи, ние исто така ќе ги одбиеме барателите на азил на нашите заеднички граници“.
Кусо по стапувањето на функцијата, германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт од конзервативната ЦСУ објави дека Германија ги заострува контролите на своите граници, дозволувајќи им на граничните службеници да ги враќаат барателите на азил.
Полскиот премиер Доналд Туск остро ја критикуваше политиката за време на инаугуративната посета на Мерц на Полска. Критики имаше и од Швајцарија, пренесе ДПА.
Мерц нагласи дека бројот на баратели на азил кои влегуваат во Германија веќе се намалил по една недела.
Тој рече дека владата ќе обезбеди илегалната миграција да се реши на таков начин што градовите и општините повторно ќе имаат простор да здивнат, и оти Германија повторно ќе може да биде отворена, толерантна и пријателска земја кон странците. јт/
Фото: ДПА