• среда, 25 март 2026

Мерц, Макрон и Туск го одбележаа Денот на независноста на Грузија

Мерц, Макрон и Туск го одбележаа Денот на независноста на Грузија

Берлин, 26 мај 2025 (МИА) - Германскиот канцелар Фридрих Мерц денеска го одбележа Денот на независноста на Грузија во заедничка изјава со францускиот претседател Емануел Макрон и полскиот премиер Доналд Туск.

- По повод Денот на независноста на Грузија, би сакале да испратиме порака за пријателство и солидарност до грузискиот народ и да ја повториме нашата непоколеблива поддршка за суверенитетот и територијалниот интегритет на Грузија, се вели во изјавата.

Тројцата лидери ги „поддржуваат демократските и европските аспирации на грузискиот народ“, кои ја одразуваат „подготвеноста на јужнокавкаската република да биде дел од европското семејство“.

Според аналитичари, се чини дека Грузија се движи кон авторитаризам, при што владејачката партија „Грузиски сон“ се прогласи за победник на парламентарните избори во октомври, и покрај наводите за наместено гласање, пренесе ДПА.

Земјата минатата година ја потресоа антивладини протести, насочени против про-рускиот курс на администрацијата, нејзиното отстапување од напорите за пристапување во Европската унија и репресијата врз невладините организации и ЛГБТ правата.

Во заедничката изјава, Мерц, Макрон и Туск рекоа дека ги „осудуваат сите активности на грузиските власти кои резултираат со демократско назадување и нападите врз граѓанското општество, медиумите и владините критичари“.

„Слободата на изразување и собирање мора да се одржат. Извештаите за прекумерно насилство мора да се истражат. Законите кои се во спротивност со европските стандарди мора да се изменат и многу потребниот процес на реформи мора повторно да се забрза“, се вели во изјавата.

„Грузиските власти треба повторно да воспостават дијалог со опозицијата и граѓанското општество. Народот на Грузија не треба да биде лишен од можностите поврзани со европскиот пат на земјата“, се заклучува во изјавата.

Откако ја презеде функцијата претходно овој месец, Мерц се обиде повторно да ја воспостави важноста на односите меѓу Берлин, Париз и Варшава, во формат познат како Вајмарски триаголник. јт/

Фото: МИА архива

Остани поврзан