• четврток, 30 јануари 2025

Мерсие: ЕУ очекува брза истрага за случаите со прегазувања и другите инциденти на протестите во Србија 

Мерсие: ЕУ очекува брза истрага за случаите со прегазувања и другите инциденти на протестите во Србија 

Брисел, 28 јануари 2025 (МИА) - Слободата на собирање е меѓу основните права на ЕУ, што треба да се штити и почитува согласно принципите на владеење на правото и на одржувањето на јавниот ред, изјави портпаролот на Европската комисија за проширување, меѓународни партнерства и Медитеранот Гијом Мерсие во врска со инцидентите на протестите во Србија. 

- Изразуваме загриженост за инцидентите против демонстрантите. Очекуваме брза истрага од страна на властите за случаите со прегазувања и бегства и другите инциденти против студентите, вклучително и синоќешниот напад во Нови Сад, рече Мерсие.  

Тој додаде дека врз основа на законодавството за човекови права на ЕУ, властите мора да ги заштитат учесниците на собирите од напади или насилство од други групи на луѓе, кои им се спротивставуваат и кои сакаат да ги спречат или прекинат собирите. 

Според него, правото за учеството на граѓаните во собири игра витална улога во развојот на здраво и демократско општество и е дел од вредностите кои се сржта на Европската Унија и кои ЕУ очекува сите земји кандидатки за членство да ги прифатат. 

- Продолжуваме да ги охрабруваме сите чинители кои ја поддржуваат (евро)интеграцијата, преку дијалог и компромис да придонесат за напредокот на патот кон ЕУ. Потсетуваме дека за ширењето на дезинформации и непријателска политичка реторика, вклучително и против ЕУ и нејзините граѓани, нема место на патот кон интеграција во ЕУ, истакна Мерсие. 

Во одговор на прашање за ставот на Унијата за барањата изнесени на студентските протести, Мерсие рече дека ЕУ ги охрабрува сите политички актери во Србија на конструктивен дијалог и на воздржување од ескалација на тензиите.  

- Политичките чинители треба да се вклучат на конструктивен меѓупартиски политички дијалог, што ќе овозможи одново фокусирање на вниманието и на енергијата кон комплетирање на реформите во клучните сфери на владеењето на правото, основните права и усогласувањето со законодавството на ЕУ и кон забрзување на пристапниот процес на Србија согласно интересите на српските граѓани, истакна Мерсие, додавајќи дека ЕУ не сака да ги коментира студентските барања. 

Во врска со оставката на српскиот премиер Милош Вучевиќ, Мерсие изјави дека ЕУ ја нотирала, но дека нема да ја коментира, бидејќи станува збор за внатрешно политичко прашање на Србија. сп/

Фото: МИА Архива

Остани поврзан