• недела, 22 декември 2024

МЕМО: Во септември на пазарот на електрична енергија реализирани трансакции од сопствено производство во висина од 440 гигават часови

МЕМО: Во септември на пазарот на електрична енергија реализирани трансакции од сопствено производство во висина од 440 гигават часови

Скопје, 22 октомври 2024 (МИА) - Во септември годинава, согласно податоците на Националниот оператор на пазар на електрична енергија – МЕМО, на пазарот на електрична енергија реализирани се трансакции од сопствено производство во висина од 440 гигават часови, што е еднакво на трансакциите за вкупната потрошувачка на електрична енергија во нашата држава. Тука не се вклучени количините на електрична енергија активирани на пазарот на балансна енергија кој е управуван од АД МЕПСО.

-Независните производители со 181 гигават час учествуваат со најголем процент од 42 отсто, потоа следува ЕСМ со 166 гигават часови, поточно со 37 отсто, потоа виртуелни производители со 69 гигават часови односно 16 отсто  и повластените производители кои користат повластена тарифа на електрична енергија со 24 гигават часови односно 5 отсто. Од сопственото производство 66 отсто е продадено за задоволување на бруто конзумот односно 288 гигават часови, а 34 отсто односно 151 гигават час е деклариран извоз, информира МЕМО на својата фејсбук страница.

Бруто конзумот, поточно вкупната потрошувачка на електрична енергија во земјава изнесува 440 гигават часови, при што од сопственото производство се продадени 289 гигават часови односно 65 отсто, а од увоз се 152 гигават часа односно 34 отсто.

-Од наведеното произлегува дека трансакциите на пазарот на електрична енергија од сопствено производство во целост ги задоволувале трансакциите на вкупната потрошувачка во нашата држава, велат од МЕМО.

За задоволување на севкупната потрошувачка на електрична енергија во државата, без загуби, поточно  нето-конзумот продадена е електрична енергија од 399 гигават часови и тоа 53 отсто на тарифни потрошувачи, 38 отсто на снабдувани потрошувачи и 9 отсто на директни потрошувачи.

Загубите во електроенергетскиот систем се 42 гигават часа односно 9 отсто од бруто конзумот во земјава. Бруто транзитот на електрична енергија, изнесува 290 гигават часа, при што нето транзитот е 254 гигават часови, а контратрејдингот е 36 гигават часови. вј/нд/

Фото: МЕМО Фејсбук

 

Остани поврзан