• четврток, 26 март 2026

Мелони: Потребни се напори за поставување темели за праведен мир во Украина, таков мир може да има ако на Киев му се дадат безбедносни гаранци

Мелони: Потребни се напори за поставување темели за праведен мир во Украина, таков мир може да има ако на Киев му се дадат безбедносни гаранци

Рим, 26 февруари 2025 (МИА) - Не може да има праведен мир без гаранции за безбедноста на Украина. Ова го изјави италијанската премиерка Џорџа Мелони по средбата во Рим со шведскиот премиер Улф Кристерсон, пренесе италијанската новинска агенција АНСА.

„Потребни се напори за да се постават темелите за праведен и траен мир во Украина, а таков мир може да има само ако на Киев му се дадат соодветни безбедносни гаранции за да се гарантира дека слично нешто (нова руска инвазија) нема да се повтори. Отсекогаш сум кажувала и верувам дека овие гаранции за безбедноста треба да бидат приложени во контекст на Атлантската алијанса, бидејќи мислам дека ова е најдобрата рамка за гарантирање на мирот кој не е ниту кревок, ниту привремен, за да нема повеќе ризик Европа повторно да се најде во драмата на војната. Други решенија ми изгледаат покомплексни и помалку ефективни“, истакна Мелони.

Таа, исто така, рече дека заедно со Кристерсон ја поддржуваат идејата трошоците за одбрана да бидат отстранети од Пактот за стабилност и дека се потребни повеќе чекори за зголемување на трошоците за зајакнување на одбраната на Европа.

„Треба да трошиме повеќе, но исто така се потребни и инвестиции“, изјавија двајцата лидери.

„Изборот на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен да ги исклучи трошоците за одбрана од Пактот за стабилност е првиот чекор и сметам дека треба да следат други одлуки“, додаде Мелони. рп/

Фото: МИА архива

Остани поврзан