Мекграт за ЕНР: Не сакаме да казнуваме, но ЕК мора да реагира кога има кршење на владеењето на правото
- Мекграт посочи дека во Патоказот за изработка на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, јасно е наведено дека на земјите членки во кои не се почитува владеењето на правото нема да им биде достапно на користење ниту едно евро.

Брисел, 2 јули 2025 (МИА) - Алатките што ги имаме сега за надминување на прашањата поврзани со владеењето на правото се развиени во последниве години и треба да учиме од искуството и да размислиме какви промени би требало да воведеме, доколку се потребни, изјави еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт во интервју за Европската новинска редакција (ЕНР) од која дел е и МИА.
- Мислам дека Комисијата беше многу активна во областа на владеењето на правото, вклучително и преку цела низа покренати прекршочни постапки. Судот на правдата пресуди во корист на Комисијата, а потоа беа користени различни инструменти за блокирање на средствата, што не е нешто што сакаме да го правиме. Сакаме средствата од ЕУ да им бидат достапни на земјите членки и на крајните корисници на различни програми, но каде што гледаме прекршувања на владеењето на правото, тогаш, според договорите, имаме обврска да дејствуваме, изјави Мекграт.
Тој посочи дека во Патоказот за изработка на следната Повеќегодишна финансиска рамка на ЕУ, јасно е наведено дека на земјите членки во кои не се почитува владеењето на правото нема да им биде достапно на користење ниту едно евро.
Во врска со информациите за случаи на корупција и злоупотреба на европските фондови во некои членки на ЕУ, Мекграт вели дека истрагите по обвинувањата за корупција се примарна одговорност на засегнатите земји, но дека постојат и други инструменти и организации кои можат да бидат вклучени во истражната постапка.
- Не би било соодветно од мене да коментирам какви било специфични обвинувања и тие треба да бидат истражени од страна на надлежните органи, а потоа ќе ја разгледаме целокупната состојба во однос на воспоставениот систем за борба против корупцијата, како дел од процесот на Извештајот за владеењето на правото, истакна Мекграт, додавајќи дека Еврокомисијата сега е во фаза на финализација на Извештајот за владеење на правото за 2025 година.
Запрашан какви мерки планира Еврокомисијата во врска со загриженоста околу улогата на вештачката интелигенција и нејзиното влијание на ширењето дезинформации, Мекграт одговори дека ЕУ веќе го има Законот за вештачка интелигенција, кој поставува стандарди за нејзиното регулирање.
- Веруваме дека има потреба од одредени заштитни мерки во контекст на вештачката интелигенција, што може да биде енормно позитивно и моќно како алатка, особено кога станува збор за ризици, вклучително и по демократијата, вели Мекграт.
Според него, улогата на вештачката интелигенција за експоненцијално ширење на содржини со цел потенцијално влијание е особено видлива во пресрет на избори, што може да има сериозно влијание врз демократијата.
- Затоа, треба да бидеме внимателни на тој ризик. Додека примарниот законодавен одговор во однос на ризикот базиран на вештачката интелигенција е во рамките на Законот за вештачка интелигенција, постојат потенцијални импликации за демократијата и затоа ќе го вклучиме и тоа во опсегот на нашата евалуација, но не сакам однапред да одредувам каков може да биде исходот, рече Мекграт.
Во однос на заштитата на потрошувачите од потенцијално штетните производи што преку платформите за електронска трговија, како Шеин или Тему, се увезуваат во ЕУ, од кои околу 90 отсто се од Кина, Мекграт вели дека Унијата има „силни закони“ за справување со предизвиците на е-трговијата.
- На самиот почеток треба да кажам дека е-трговијата е позитивна работа, Таа е тука и само ќе расте, а секако и многу европски компании целосно ги користат огромните придобивки што ги нуди е-трговијата. Сепак, едноставно не можеме да ги игнорираме многу сериозните ризици што сега се манифестираат во однос на заштитата на потрошувачите и безбедноста на производите, додаде Мекграт.
Според него, мора гласно и јасно да се каже дека при увозот на секој производ во Европската Унија мора да се почитуваат европските закони за безбедноста на производите и за заштита на потрошувачите, бидејќи не може да се дозволи изложување на 450 милиони европски потрошувачи на ризиците од небезбедни производи.
Говорејќи за мерките за заштита на малолетниците онлајн, Мекграт вели дека со Законот за дигитални услуги постојат јасни обврски за интернет платформите во контекст на заштитата на децата.
- Одредени карактеристики на некои видео игри покренуваат вистински прашања за соодветноста на тоа малите деца да имаат пристап до функции за коцкање. Затоа, ќе го испитаме сето тоа како дел од предлогот за Законот за дигитална праведност. Очекуваме наскоро да започнеме јавна консултација за тоа и да поднесеме предлог за Законот за дигитална праведност, вели Мекграт.
Во врска со обвинувањата на унгарскиот премиер Виктор Орбан дека Брисел „ја оркестрирал“ Парадата на гордоста што во сабота се одржа во Будимпешта, Мекграт вели дека немало „оркестрација од Европската Унија“ на овој настан.
- Мислам дека она што го видовме беше органска реакција на организациите на локално ниво и на обичните Унгарци и да, со поддршка од засегнатите страни на меѓународно ниво. Нашиот став во рамките на Европската Унија е дека слободата на здружување е јасно фундаментално право во Повелбата за основните права, вели Мекграт, додавајќи дека никој нема зошто да се плаши од луѓе кои се излезени на мирен собир. сп/
Фото: ЕНР