• недела, 07 јули 2024

Медиумска писменост - писменост на 21. век

Медиумска писменост - писменост на 21. век
Скопје, 29 октомври 2022 (МИА) - Способноста за пристап, разбирање, анализа и критичка оцена на различните медиуми и медиумски содржини, како и создавање комуникациски содржини во различни контексти се основа на медиумската писменост. Таа е неопходна за непречено функционирање во сите сфери од општеството, особено во дигиталниот свет и „новата реалност“ на социјалните медиуми. Доброупатените велат дека медиумската писменост треба да е застапена во сите нивоа на формалното образование, да ѝ се посвети особено внимание и да се понудат системски решенија со цел создавање на доброинформирани и медиумски писмени граѓани. Таа е важна бидејќи придонесува кон развивање и примена на вештини за критичко размислување, осознавање како медиумските пораки влијаат врз општеството и ја вообличуваат нашата култура, препознавање на дезинформации и зачувување на правата на граѓаните. Медиумската писменост важи за сите возрасни групи Емилија Петреска Камењарова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги вели дека медиумската писменост е многу важна за да можеме да функционираме во нашата, како што вели „веќе одамна медиумски посредувана реалност“. Според неа, мора да користиме повеќе извори на информации, секогаш да настојуваме да ги провериме, да внимаваме кој е изворот од кој што ги извлекуваме податоците и дали е наведен авторот. - Освен што значи критичко развивање и критичката свест, медиумската писменост значи развивање на етика и почитување на вредностите што ќе ни овозможат да оцениме дали некоја содржина е вистинита или не, дали е потребно да се прошири, или, пак, ако ја прошириме можеме да нанесеме штета. Таа, исто така, претставува развивање на вештини за создавање на медиумски содржини кои што потоа граѓаните ќе ги стават на некој од медиумите што ни се на сите достапни. Постои цела низа на работи кои што се составен дел од нашиот живот и нужно е да бидеме медиумски писмени за да можеме да ги користиме на вистински начин, вели Камењарова за МИА. https://youtu.be/chKlBOv-eWc Учениците од најмала возраст треба да се запознаат со медиумската писменост Весна Никодиноска од Македонскиот институт за медиуми вели дека медиумската писменост станува основна вештина и алатка за современото време, особено за образованието на млади генерации. Според неа, неопходно е младите генерации да се запознаваат со медиумската писменост уште од најмали нозе затоа што медиумите се дел од нашата секојдневна реалност, а институциите ги посочува како клучен актер во целата приказна, затоа што, како што вели „без институционална поддршка не би можеле да ја вклучиме медиумската писменост во формалното образование“. - Во моментов заедно со Министерството за образование и наука и Бирото за развој на образование работиме во насока на ревизија на наставните програми и вклучување на содржини од медиумската писменост во различни предмети и во различни одделенија. Сметаме дека со ова ќе им дадеме на младите уште една вештина, уште една алатка, како да можат полесно да се снаоѓаат во новата реалност во која што сите ние живееме, во дигиталниот свет, како да се заштитат себе си и како практично да ги заштитат оние кои што им се блиски и да можат да направат вистински одлуки во своите животи, без оглед дали станува збор за секојдневни одлуки како што е изборот на храна па сè до како ќе гласаат еден ден на избори, вели таа. https://youtu.be/TWYrUD80cxE Новото време изискува поинакви вештини за справување со информацискиот хаос Александра Теменугова од Институт за комуникациски студии информира дека преку проектот „Младите размислуваат“ што го финансира УСАИД во Северна Македонија и ИРЕКС програмата од Вашингтон, четири универзитети се првите пионери кои што добија можност да ги адаптираат постоечките наставни програми со вклучување на содржини од медиумската писменост. Тоа се Филолошкиот факултет во Скопје, ФОН Универзитетот, Педагошкиот факултет и Штуловиот универзитет. Преку истиот проект, медиумската писменост е веќе дел од одредени одделенија од основното образование. - Сите овие универзитети и сите овие високо образовни институции ќе направат одредени промени и осовременување на наставните содржини за да можат идните студенти да учат за нешто што е неминовност во денешницата, вели Теменугова. https://youtu.be/SzV3AWynVrU Неопходна е системска посветеност на медиумската писменост Според Филип Стојановски од Фондација Метаморфозис, медиумската писменост е поширок контекст на сфаќање и унапредување на човековите права, бидејќи, како што велимедиумската писменост е дел од правото на слобода на изразување, и правото на примање и давање информации“. Тој посочува дека секој од нас има огромна одговорност при користење на новите технологии, дали како креатор или пренесувач на медиумски содржини, но и како консумент и вели дека е неопходно постојано надградување на вештините на медиумска писменост во чија основа е критичкото мислење. - Ако се сфати од таа страна, тогаш е јасно зошто оваа година, Деновите на медиумска писменост се посветени на различностите, бидејќи во многу медиумски ситуации имаме појава на дискриминација, говор на омраза и тоа мислам не само во оние што се традиционални или онлајн медиуми, професионални, туку и во ситуација кога граѓаните играат улога на медиуми, бидејќи со социјалните мрежи и со другите дигитални алатки самите граѓани стануваат директни учесници, производители  и ширители на медиумски содржини, вели Стојановски. https://youtu.be/JHwh6_pJl7E Од АВМУ препорачуваат дека за да се оцени некоја медиумска содржина потребно е да се размисли од кои претпоставки се тргнува, односно што се претставува како факт? Дали поврзувањето на наводите е логично и постои ли друго логично објаснување? Кои зборови се користат и зошто токму тие? Дали користените извори се релевантни и кои други аргументи и извори може, односно треба да се земат предвид? На крај, какво е вашето искуство, знаење, вредности за тоа прашање и што мисли вашето семејство, пријатели и други луѓе? Се вели дека ако писменоста порано значеше дека некој знае да чита и пишува, денес луѓето се сметаат за писмени доколку знаат да ги користат медиумите и умеат критички да ги читаат и разбираат медиумските содржини кои се објавуваат на телевизија, радио, весници, магазини, филм, музика, книги, билборди, интернет... За таа цел, во периодот од 25 октомври до 1 ноември под мотото „Размислувај критички, состави ја целата приказна“ во нашата држава се одбележуваат Деновите на медиумската писменост преку кои се отворија повеќе аспекти на различностите во медиумите. Со овој мултимедијален продукт, Медиумската информативна агенција како дел од Мрежата за медиумска писменост, се приклучува кон Глобалната недела на медиумска и информациска писменост на УНЕСКО, чие што мото е „Негување доверба: Императив за медиумската и информациската писменост“. Ангела Рајчевска Монтажа: Андреј Бранковиќ

Остани поврзан