• сабота, 06 декември 2025

МД „Илинден“ – Тирана: Јазичната разновидност е важен дел од богатото наследство на европскиот континент

МД „Илинден“ – Тирана: Јазичната разновидност е важен дел од богатото наследство на европскиот континент

Дебар, 26 септември 2025 (МИА) - Македонско друштво „Илинден“ – Тирана по повод 26 септември, Денот на европските јазици, упати честитка, оценувајќи дека јазичната разновидност е важен дел од богатото наследство на европскиот континент.

– Честитајќи го денешниот ден, сакаме да го истакнеме значењето на образованието на мајчиниот јазик, бидејќи тоа е најважниот сегмент во негувањето на основните обележја на еден народ. Знаењето и негувањето на мајчиниот јазик за децата значи и јакнење и зачувување на националниот и културен идентитет, стои во честитката.

Се додава дека важноста на јазичната разновидност и повеќејазичност е нагласена на европскиот ден на јазиците, кој секоја година се слави од 2002 година, со разни активности на 26 септември, по иницијатива на Советот на Европа.

– Пораката на Советот на Европа до сите Европејци е да научат повеќе јазици на која било возраст, во училиште или надвор од него. Порачуваме дека јазичната разновидност е алатка за стекнување поголемо меѓу културно разбирање и важен дел од богатото наследство на европскиот континент, ја охрабрува повеќејазичноста низ цела Европа, се посочува во честитката, потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото. вт/ра

Фото: МИА

 

Остани поврзан