• недела, 04 август 2024

МД „Илинден" - Тирана и го честиташе изборот на Спиропали за претседателка на албанскиот парламент

МД „Илинден

Дебар, 3 август 2024 (МИА) - Македонското друштво „Илинден" - Тирана упати честитка до Елиса Спиропали по повод нејзиниот избор за претседателка на албанскиот парламент.

 -Дозволете ми во името на македонското друштво „Илинден“ - Тирана, во мое лично име, како и во името на македонското национално малцинство во Република Албанија да ви го честитаме изборот и да ви посакаме успех на функцијата претседател на Собранието на Републиката, стои во честитката потпишана од Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Македонското национално малцинство во Република Албанија, се наведува во честитката, ве поддржува без резерва и е убедено во вашиот успех на оваа значајна позиција во државата.

-Истовремено, веруваме дека во вашето раководство на законодавниот дом ќе помогнете за подобрување на правата на македонското национално малцинство во Република Албанија. Уште еднаш искрени честити и успех, се вели во честитката до Спиропали од МД „Илинден".

За претседателка на Парламентот таа беше избрана на 30 јули, откако дотогашната Линдита Никола се повлече поради здравствени причини. 

Никола е позната универзитетска професорка и македонска снаа. Нејзиниот сопруг, исто така универзитетски професор, е Македонец со потекло од Голо Брдо.вт/бт/

Остани поврзан