• петок, 06 декември 2024

МД „Илинден“-Тирана бара Радио Тирана Интернационал да биде и на македонски јазик

МД „Илинден“-Тирана бара Радио Тирана Интернационал да биде и на македонски јазик

Дебар, 4 ноември 2024 (МИА) - Македонското друштво „Илинден“-Тирана достави барање до aлбанската државна радио-телевизија, порталот Радио Тирана Интернационал да биде и на македонски јазик.

-Станува збор за посебен портал во рамки на државното радио. Бараме, како што се емитува програма на англиски, француски, италијански, германски, грчки, српски и турски да има и на македонски јазик. Радио Тирана Интернационал има една редакција на албански која ги подготува содржините а на споменатите јазици ангажираните лица вршат превод, рече за МИА, Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото.

Тој се надева дека барањето ќе биде разгледано и ќе биде прифатено па порталот на се чита и на македонски јазик.

-Ние како друштво регистрирани сме во Судскиот регистар на Тирана на 6 февруари 2009 година и наша главна мисија е заштита на македонското национално малцинство во Република Албанија. Со максимално залагање успеавме на вториот канал на државната радио-телевизија од септември 2017 година да има емисија на македонски јазик, посочува Ѓурѓај.

Емисијата се емитува секој ден од понеделник до петок. Почнува во 17 часот и  трае половина час, од кои пет минути се отстапуваат за вестите.

Според него, македонското национално малцинство во оваа земја брои над 120 илјади  на целата територија на земјата, но главно е  концентрирано во областите Мала Преспа, Голо Брдо и Гора, а со десетици илјади го има и во Тирана, Елбасан, Корча, Кукс, Драч. вт/са/

Фото: МД Илинден

Остани поврзан