• среда, 25 декември 2024

Дурмиши: Доколку не се намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница, ќе ги ограничиме нивните маржи и цени

Дурмиши: Доколку не се намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница, ќе ги ограничиме нивните маржи и цени

Скопје, 25 декември 2024 (МИА) - Доколку трговците не покажат поголема општествена одговорност и не ги намалат цените на основните производи кои не се во Новогодишната кошница ќе донесеме поригорозни мерки како ограничување на нивните маржи и цени, најави денеска министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Како што истакна на денешната прес - конференција, екипите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) се на терен и прават анализи како се движеле цените во изминатите три месеци. За два до три дена ќе завршат анализите по што ќе се знае дали ќе се донесат поригорозни мерки со одлука на Владата. 

Дурмиши ги повика трговците да ги коригираат цените на најпотребните производи во овој период на празници и најави дека доколку не го направат тоа Владата пред Нова година ќе ја донесе одлуката за воведување поригорозни мерки. 

-Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со драматично зголемување на цените на некои други производи кои што ги користат граѓаните како што е маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, кафе, јајца и слично. Апелирам до големите трговски синџири да си го преиспитаат однесувањето во спротивно ќе ги искористам сите механизми кои ги имаме и ќе донесеме одлука со цел да го заштитиме стандардот на граѓаните, рече Дурмиши.

Нагласи дека Владата и тој како министер за економија и труд нема да го толерираат однесувањето на трговците и покачувањето на цените на одредени производи на сметка на намалување на други производи кои ги предложија во Новогодишната кошница. 

-Акцијата Новогодишна кошница, како што можевме да видиме во првите денови стартуваше успешно, кај некои производи во кошницата намалувањето на цените беше и над 10 проценти и секојдневно се зголемуваше бројот на производи понудени од компаниите во Новогодишната кошница. Но, тоа не се случи и кај другите основни прехранбени производи чии цени се драстично зголемени, посочи Дурмиши.

Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат, како што кажа, од утрово се во засилени вонредни контроли во маркетите и прават анализи како се движеле цените на основните прехранбени производи во изминатите три месеци, односно колку поскапеле производите кои што не се во Новогодишната кошница.

-Сакам да апелирам до сите чинители - производителите, дистрибутерите и трговците да ја покажат општествената одговорност за која зборуваа кога врз основа на нивниот предлог ја креиравме оваа акција Новогодишна кошница. Апелирам да ги коригираат цените на оние производи кои се најпотребни во овој период на Новогодишните празници и да им излезат во пресрет на граѓаните. Нема да дозволам ниту да толерирам да ги изигруваат граѓаните за време на празници, потенцира Дурмиши.

Во одговор на новинарско прашање рече дека акцијата Новогодишна кошница покажала првични резултати, но сепак биле зголемени цените на производите кои не се дел од неа иако чинителите биле известени да не го прават тоа.  

-Остваривме повеќе од 10 состаноци со претставниците на коморите, дистрибутерите, трговците и производителите на кои баравме да се воведе поинаква мерка од тоа што го имавме порано, односно да не носиме одлука, туку тие сами да понудат за кои производи ќе ги намалат цените. Самите се согласија на тоа, но она што го гледаме во изминатите четири-пет дена е дека ја зголемиле цената на производите кои не се ставени во Новогодишната кошница. Очигледно е дека не сакаат да ја почитуваат својата иницијатива со што ќе не принудат да донесеме поригорозни мерки. Ќе донесеме одлука врз основа на податоците што ќе ги добиеме од вонредните инспекции на ДПИ, истакна Дурмиши.

ДПИ, како што кажа, ќе има законска обврска да пишува казни доколку Владата донесе поригорозни мерки, а не само да укажува како што е случајот сега со доброволната акција која не ја почитуваат оние што самите се согласиле со неа. Во мерките, додаде, можно е да има ограничување за намалување на цените на производите за 10 отсто од цената што ја имале во јули или август годинава. вј/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан