• четврток, 24 април 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 14 април 2025 (МИА) - СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ш.Р.(32) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста“. На 29.01.2025 во Тетово, пријавениот со патничко возило „опел“ не застанал на даден знак за запирање од полициски службеници, при што со врата од возилото удрил полициски службеник. 

СВР Тетово поднесе кривична пријава против З.Н.(49) од с.Чегране, гостиварско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело ,,загрозување со опасно орудие при тепачка или караница“. На 03.05.2024 во угостителски објект, пријавениот со тврд предмет упатувал закани кон вработен. 

СВР Велес поднесе кривична пријава против малолетник од Демир Капија поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. Полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени разни видови на пиротехнички средства. 

СВР Битола поднесе кривична пријава против А.К.(39) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“. На 27.01.2024 во Битола, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот и возилото кое го управувал, при што бил пронајден и одземен амфетамин.

СВР Штип поднесе кривична пријава против Г.Р.(49) од Виница поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 05.03.2025 во Виница, полициски службеници го затекнале пријавениот како со патничко возило врши превоз на лица без да поседува лиценца за вршење на јавен превоз, издадена од надлежен орган. 

Одделението за прекуграничен криминал миграции, странци и реадмисија Куманово поднесе кривична пријава против Х.М.(47) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување исправа”. Нa 09.03.2025 на Граничен премин Табановце, за влез во државата, пријавениот приложил фалсификувана возачка дозвола.

На 13.04.2025 на различни локации во Скопје, полициски службеници од СВР Скопје ги лишиле од слобода А.А., Д.Џ.(23), 37-годишната Ѓ.С., Ќ.К.(18), Е.А.А.(20) и С.Г.(27), сите од Скопје, затоа што кај нив била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

На 12.04.2025 во 12.00 часот во СВР Скопје било пријавено дека на обиколница на град Скопје, кај клучка Радишани, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Х.И.(55) од Скопје и товарно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од С.И.(19) од с.Гошинце, општина Липково. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил Х.И., со телесни повреди се здобил С.И. и неговиот малолетен сопатник од с.Арачиново, скопско, констатирани во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Скопје.

На 13.04.2025 околу 23.20 часот во СВР Куманово било пријавено дека на ул.„11 Ноември“ во Куманово, патничко возило „фолксваген голф“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од М.К.(21) од с.Клечовце, општина Старо Нагоричане, излетало надвор од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил малолетен сопатник од Куманово, а со телесни повреди се здобиле возачот М.К. и уште еден сопатник Д.Л.(36) од Куманово, констатирани во Општата болница Куманово. Извршен бил увид од увидна екипа од СВР Куманово. 

На 13.04.2025 во 17 часот на Граничен премин Деве Баир, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода Б.М.(67) од Република Бугарија затоа што при пасошка контрола и проверка во оперативна евиденција било констатирано дека евидирал со мерка „апси“ по барање на Интерпол-Република Турција. За настанот бил известен јавен обвинител и тој бил предаден на полициски службеници од ОВР Крива Паланка за понатамошна постапка.

На 13.04.2025 во 06.20 часот во Полициската станица Гевгелија, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „криумчарење мигранти“ по член 418Б од Кривичниот законик, од слобода биле лишени Д.Д.(39) и О.М.Ф.(22), двајцата од Република Турција. Од Судија на претходна постапка од Основен суд Скопје на пријавените им е определена мерка притвор во траење од 30 дена и биле предадени во Казнено - поправната установа Затвор Скопје за издржување на мерката.  

Денеска (14.04.2025) во 01.10 часот на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода Д.У.Е.(19) од Р.Турција, затоа што при извршена пасошка контрола и проверка било констатирано дека евидира на Стоп-листа, со мерка „задржи и извести“, а поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело по член 418В од Кривичниот законик на РСМ. Тој бил предаден на полициски службеници од СВР Куманово за понатамошна постапка. Исто така, на 13.04.2025 во 03.00 часот на Граничниот премин „Долно Блаце“, на влез во државата, полициски службеници го лишиле од слобода Л.М.(20) од Косово затоа што при извршена пасошка контрола и проверки во оперативна евиденција било констатирано дека за него има распишано меѓународна потерница по барање на Интерпол-Германија. Тој бил предаден на полициски службеници од Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка. 

На 12.04.2025 околу 23 часот полициски службеници од Полициската станица Свети Николе извршиле контрола во угостителски објект во Свети Николе и при контролата, во објектот биле затекнати тројца малолетници и во присуство на родители и претставник од Центарот за социјални работи Свети Николе им било извршено алкотестирање и било констатирано дека имаат алкохол во организмот. По целосно документирање на случајот и во консултација со јавен обвинител, ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 13.04.2025 во 22.45 часот во Ургентен центар при Клиничка болница Тетово, полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода А.Б.(23) од с.Теарце, тетовско, постапувајќи по претходна пријава дека физички ги нападнал Б.М.(32) од Тетово и Ф.И.(21), вработени во Клиничка болница Тетово, додека му укажувале помош. Тој е задржан во полициска станица и по документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против П.К.(46) од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „бесправно градење“. Тој, на катастарска парцела во охридското село Рамне, без одобрение за градба, неовластено изградил објект за времено сместување кој спаѓа во градба од втора категорија, што било констатирано и при извршен вонреден инспекциски надзор од овластен градежен инспектор при Одделение за инспекциски надзор од општина Охрид.

ОВР Дебар поднесе кривична пријава против В.Г.(29) од Дебар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење јавен превоз без поседување лиценца“. При контрола во патниот сообраќај, извршена на 03.04.2025 во Дебар, полициските службеници го затекнале пријавениот како со патнички автомобил „фолксваген голф“ со дебарски регистарски ознаки врши јавен превоз на патници без да поседува соодветна лиценца издадена од надлежен државен орган. 

На 13.04.2025 во 22.00 часот во селото Волино, општина Дебрца, полициски службеници од СВР Охрид од слобода го лишија С.Б.(43) од истото село. Тој, по завршување на фудбалски натпревар од Третата фудбалска лига во Волино, физички го нападнал Р.Н.(25) од ресенското село Грнчари, фудбалер од гостинската екипа, кој бил пренесен во болницата „Св.Еразмо“ во Охрид за укажување помош. По целосно документирање на настанот, против напаѓачот ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 13.04.2025 во 16.55 часот во СВР Тетово, С.А. од с.Боговиње, тетовско, пријавил дека во нива во атар на с.Боговиње, сопственост на неговиот татко, пронашол кофа во која имало експлозивни направи (бомби). Известен бил пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 13.04.2025 во 11.50 часот во СВР Скопје, Е.М.(46) од Скопје пријавила дека во дворот од семејната куќа на подрачјето на Чаир паднало заталкано зрно од огнено оружје и го оштетило покривот од нејзиното патничко возило „опел“. Полициски службеници од СВР Скопје излегле на местото и зрното било подигнато за понатамошна постапка. Се работи на расчистување на случајот. 

На 13.04.2025 во 11 часот во СВР Скопје, А.Ј.(25) од Скопје пријавил дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Р.С.(39) од с.Елово, скопско. По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок. 

На 13.04.2025 во 23.34 часот во СВР Скопје било пријавено дека во село Петровец, од патничко возило во движење, биле испукани неколку куршуми. Полициски службеници од Полициското одделение Петровец извршиле увид на местото на настанот и подигнале седум чаури од гасен пиштол за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 13.04.2025 во 21.00 часот во СВР Скопје, Д.М.(44) од Куманово пријавил дека во периодот од 14.00 до 15.00 часот на автобуска постојка на подрачјето на Карпош, едно лице со закана со остар предмет од неговиот 17-годишен син и нивен 15-годишен роднина одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот. 

На 12.04.2025 во 18.55 часот во СВР Битола, У.И.(22) од с.Арматуш, битолско, пријавил дека во селото  пронашол авионска граната од Првата светска војна. На 13.04.2025 гранатата била безбедно подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

Фото: МИА архива

Тагови

Остани поврзан