• понеделник, 23 декември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 20 јануари 2024 (МИА) - Денеска во 04:40 часот во Струмица, полициски службеници од Секторот за внатрешни работи Струмица го лишиле од слобода В.Г.(40) од Струмица. Тој се сомничи дека околу 03.20 часот на улицата „Мајка Тереза“ во Струмица физички го нападнал Т.Т.(56) од Струмица и му одзел пари. Тој е задржан во Полициската станица Струмица, за настанот е запознаен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Струмица и по негово документирање, против В.Г. ќе биде поднесена соодветна пријава.

СВР Скопје - Единица за насилен криминал, до Основното јавно обвинителство Скопје, поднесе кривична пријава против Б.С.(28) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „убиство“.  Имено, на 18.01.2024 во СВР Скопје било пријавено дека во семејниот дом на подрачје на Ново Лисиче – Скопје починала Л.Т.(73) од Скопје. По преземени мерки и активности и извршена обдукција, било констатирано дека Б.С. физички ја нападнал својата баба, која починала од здобиените повреди. Тој бил изведен пред судија на претходна постапка, кој му определил мерка притвор.   

Синоќа во 23:40 часот во село Арачиново, скопско, полициски службеници од Полициското одделение Арачиново го лишиле од слобода В.Џ.(27) од село Черкези, кумановско, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок.

Вчера во 20:10 часот во село Славеј, општина Кривогаштани, полициски службеници од ОВР Прилеп ги лишиле од слобода Д.Г.(21) од Кривогаштани и Е.Ш.(33) од Скопје, со престој во Прилеп. При преглед во патничко возило „опел вектра“ со прилепски регистарски ознаки, кое го управувал Е.Ш., а сопатник бил Д.Г., кај Д.Г. била пронајдена и одземена марихуана.   

Вчера во 10:20 часот на Граничен премин „Табановце“, полициски службеници го лишиле од слобода Д.М.(53) од Република Србија. При пасошка контрола и проверка, тој на увид приложил бугарска возачка дозвола и бугарска лична карта, за кои по извршени проверки, констатирано било дека се фалсификувани. Лицето било предадено во Полициската станица Куманово и во координација со јавен обвинител, Одделението за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија Куманово против него поднесе кривична пријава по член 378 од кривичниот законик – „фалсификување исправа.

Вчера во 10:10 часот на Граничен премин „Меѓународен аеродром Скопје“, полициски службеници го привеле О.А.(39) од Република Турција, затоа што при пасошка контрола и проверка, било констатирано дека шпанската шенген виза и британската виза во неговата патна исправа, биле фалсификувани. Лицето било предадено на полициски службеници од Отсекот за прекуграничен криминал при регионалниот центар за гранични работи Север за понатамошна постапка.

Синоќа во 19:30 часот во Полициската станица Гевгелија било пријавено дека на патот Гевгелија – Богданци, на мостот на реката Вардар, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со регистарски таблички од друго возило, управувано од Б.М.(48) од Македонска Каменица, во кое превезувал и криумчарел седум лица мигранти од Сирија, патничко возило „опел корса“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Б.Ј.(63) од село Богородица, гевгелиско, патничко возило „хјундаи“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Д.Т.(42) од Гевгелија и патничко возило „мерцедес“ со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Ќ.(37) од село Стојаково. Во несреќата, од здобиените повреди починал Б.Ј., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со тешки телесни повреди се здобиле  возачот Б.М. и Е.Ј.(63), сопатничка во возилото „опел корса“, додека со телесни повреди се здобиле мигрантите, констатирани во болницата во Гевгелија. Увид на местото извршиле екипа на Полициската станица Гевгелија и јавен обвинител, по чија наредба телото на починатиот било дадено на обдукција.

Вчера во 17:26 часот во ОВР Кратово било пријавено дека на регионалниот пат село Туралево - Кратово, патничко возило „ауди“  со кратовски регистарски ознаки, управувано од З.Ј.(43) од Кратово, удрило во пешакот М.Д.(32) од Кратово. Во несреќата М.Д. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ – Скопје. Увид на местото извршила увидна екипа од ОВР Кратово.

Синоќа околу 22:00 часот во Полициската станица Струга, пријавено било дека на регионален пат Р1201, кај место викано „Мороишки мост“, струшко, патничко возило „рено“ со  струшки регистарски ознаки, управувано од И.З.(37) од село Враништа, струшко, излетало од патот. Во несреќата, возачот И.З. се здобил со тешки телесни повреди, констатирани во болницата „Свети Еразмо“ во Охрид. Увид на местото извршила екипа од Полициската станица Струга.

Вчера во 14:30 часот во Полициската станица Гази Баба, В.К.(80) од Скопје пријавил дека на улицата „Јани Лукровски“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Вчера во 20:00 часот во Полициската станица Чаир, Х.Ч.(25) од Скопје пријавил дека на булеварот „Босна и Херцеговина“ во Скопје бил каснат од куче скитник.

Вчера во 19:00 часот во СВР Битола, Ј.Ј.(57) од Битола пријавил дека на улицата „Пожаревачка“ во Битола, неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.бд/фф/

Фото: МИА

Остани поврзан