• петок, 22 ноември 2024

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 3 март 2023 (МИА) - На 02.03.2023, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Радовиш во координација со полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција при МВР, инспектори од Царинската управа, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина, со судска наредба, извршиле претрес во дом и помошни простории во село Јаргулица, радовишко, кои се сопственост и ги користат Д.Т.(22), Н.Т.(25) и Б.Т.(44), сите од Радовиш, со престој со с.Јаргулица. При претресот, во дворот биле затекнати 24 патнички возила, 1 товарно возило, 1 шлеп возило, 3 мотоцикли и 2 каросерии, како и повеќе регистарски таблички. Поради постоење на сомнение за сторено кривично дело „фалсификување на исправа“ по член 378 од Кривичниот законик, од Д.Т. биле одземени едно патничко возило „фолксваген туарег“ со бугарски национални ознаки, 1.900 евра и 42.000 денари во различни апоени, а од Б.Т. биле одземени 5 словенечки сообраќајни дозволи и 4 договори за купопродажба, кои се однесуваат на возила кои во моментот не биле затекнати во дворното место. Од Царинската управа на Д.Т. му е издадена Наредба за непостапување со стоки за 6 патнички возила, за кои било утврдено дека ги немаат платено пропишаните давачки согласно Законот за царина, додека од Државниот инспекторат за животна средина биле констатирани неправилности по Законот за управување со отпад, за што е изречена соодветна санкција. Воедно, од Државниот пазарен инспекторат било констатирано дека Д.Т., Н.Т. и Б.Т. во село Јаргулица вршеле трговија со половни моторни возила без да се регистрирани во соодветниот регистар, за што ќе им биде издадено Решение за привремена забрана за вршење на дејност во траење од 30 дена. Тројцата биле повикани во Полициската станица Радовиш и со нив биле извршени службени разговори, а за настанот бил запознаен Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Радовиш. По целосно расчистување и документирање на случајот, против нив ќе бидат поднесени пријави поради сомнение за сторени кривични дела „криумчарење“ по член 278, „царинска измама“ по член 278-а, „фалсификување исправа“ по член 378, како и „перење пари и други приноси од казниво дело“ по член 273 од Кривичниот законик.

На 02.03.2023 околу 15.40 часот, полициски службеници на СВР Тетово-Одделение за внатрешни работи Гостивар го привеле Е.А.(37) од Гостивар. Тој бил баран по централна потерница врз основа на судска наредба за издржување на петгодишна затворска казна за извршено кривично дело „разбојништво“ по член 237 од Кривичниот законик. Лицето било спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Идризово во Скопје за издржување на казната.

На 02.03.2023 во 20.30 часот, полициски службеници од СВР Куманово го лишиле од слобода Д.М.(19) од Куманово. При претрес во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени марихуана и дигитална вага. Тој бил приведен во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава. 

На 02.03.2023 во 21.20 часот кај Криволак, полициски службеници од Полициското одделение за граничен надзор Михајлово го лишиле од слобода Б.Г.(47) од с.Волково, скопско. При контрола на патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое го управувал, биле пронајдени 6 лица мигранти (3 од Пакистан, 2 од Сирија и 1 од Египет). Претходно, во 20.30 часот возилото било забележано на регионалниот пат Демир Капија-Неготино, но не застанало на даден знак за запирање. Откако стигнало во Криволак, возачот и мигрантите се обиделе да побегнат, но биле фатени. Мигрантите биле сместени во прифатно-транзитен центар, а за случајот бил известен Јавен обвинител и по целосно документирање на настанот ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.03.2023, полициски службеници Единицата за недозволена трговија при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.З.(29) с.Ново Село, општина Зелениково. При претрс во неговиот дом, извршен со судска наредба, биле пронајдени и одземени една ловечка пушка „Escort Magnum“, еден ловечки карабин „Ceska Zbrojovka“ со оптички нишан, 30 куршуми и шест ловечки патрони, кои ги поседувал без дозвола. Тој бил задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

На 02.03.2023 во 22.30 часот на подрачјето на Центар, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода М.К.(18) од Скопје, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана и дробилка. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 02.03.2023 во 23.50 часот на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода Д.В.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 03.03.2023 во 02.10 часот на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го лишиле од слобода А.П.(20) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок. 

На 02.03.2023 во 22.30 часот на подрачјето на Гази Баба, полициски службеници од Единицата за интервентна полиција при СВР Скопје го привеле М.А.(24) од Скопје, затоа што кај него била пронајдена и одземена марихуана. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок. 

На 02.03.2023 околу 14.00 часот на улица „188“ во Тетово, полициски службеници на СВР Тетово го лишиле од слобода 45-годишниот Х.К. од тетовска Мала Речица, затоа што при претрес во неговото возило „порше“ со тетовски регистарски ознаки бил пронајден и одземен кокаин. Тој бил задржан во Полициската станица Тетово и по целосно документирање на случајот ќе му биде изготвен соодветен поднесок. 

На 02.03.2023 на ул„Пецо Божиновски“ во Битола, полициски службеници од  криминалистичката полиција при СВР Битола го лишиле од слобода Е.М.(20) од Битола, затоа што кај него биле пронајдени и одземени марихуана, дигитална вага и други предмети. По документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.  

На 02.03.2023 во 18.20 часот, полициски службеници од Граничниот премин Долно Блаце го лишиле од слобода М.А.(39) од Република Албанија, затоа што при извршени проверки било констатирано дека бил баран по меѓународна потерница од Интерпол. Тој бил задржан во Полициската станица Кисела Вода за понатамошна постапка. 

Во текот на вчерашниот ден (02.03.2023) Министерството за внатрешни работи спроведе акциска контрола на територијата на Република Северна Македонија за санкционирање на возила кои се движат со брзина поголема од дозволената, при што санкционирани се 269 возачи. Од нив осум возила се движеле со брзина над 50 километри на час повеќе од дозволеното. Притоа 157 возила ја пречекорилe брзината во населено место, а 112 надвор од населено место. 

Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден (02.03.2023) продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 248 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 58 санкции, 10 мерки за возење без возачка дозвола, седум санкции за технички неисправни и нерегистрирани возила. Изречени се 19 мерки за користење мобилен телефон при возење, 11 санкции за некористење сигурносен појас, 10 мерки за минување на затворен сигнал (црвено светло)... 

На 02.03.2023 во 13.05 часот во СВР Скопје било пријавено дека во с.Петровец, скопско, патничко возило „рено“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.Т.(61) од Скопје удрило во пешакот Д.В.(59) од с.Катланово, а потоа излегло од коловозот. На местото на несреќата починала Д.В., а смрт констатирал лекар од Итна медицинска помош. Со телесни повреди се здобила сопатничката од возилото Д.Т.(58) од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“. Извршен бил увид од Јавен обвинител и увидна екипа од СВР Скопје. 

На 02.03.2023 во СВР Битола, малолетник од с.Лопатица, битолско, пријавил дека кај автобуската станица на место викано  „Ат пазар“ бил каснат од куче скитник. 

На 02.03.2023 во 09.00 часот во Полициската станица Валандово  било пријавено дека на регионален пат Р 1401, на место викано „Валандовско брдо“, се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „фолксваген голф“  со гевгелиски регистарски ознаки, управувано од С.А.(46) од село Николиќ, дојранско, патничко возило „тојота“ со струмички регистарски ознаки, управувано од Н.К.(76) од Струмица, товарно возило „мерцедес“ со скопски регистерски ознаки, управувано од Д.П.Ѓ.(45) од Гевгелија и уште едно товарно возило, кое го напуштило местото. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил возачот на патничкото возило „тојота“, а со телесни повреди се здобиле возачот и сопатникот во возилото „фолксваген голф“, констатирани во Здравствен дом во Валандово. Увид на местото извршила екипа на Полициската станица Валандово.

На 02.03.2023 во 13.15 часот во Полициската станица Гази Баба, М.А.(43) од Скопје пријавила дека на ул.„Трифун Хаџијанев“ била касната од куче скитник.

 На 02.03.2023 во 12.10 часот во Полициската станица Чаир, Б.М.(63) од Скопје пријавил дека на ул.„Христијан Тодоровски Карпош“ бил каснат од куче скитник. дма/

Фото:МИА архива

Остани поврзан