• четврток, 26 март 2026

МВР Билтен

МВР Билтен

Скопје, 24 мај 2025 (МИА) - СВР - Битола поднесе кривична пријава против М.К., на возраст од 33 години од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 19 мај, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што биле пронајдени и одземени засадени стебла и семки од растението канабис.

На различни локации во главниот град, вчера и денеска, полициски службеници ги лишија од слобода А.И.(31) од село Марино, скопско, Д.Р.(40) од Штип, С.К.(42) од село Драчевица, скопско, Е.Ј.(19) и А.К.(19) двајцата од Република Турција со престој во градот и А.И.(23) од Скопје, затоа што кај нив се пронајдени и одземени бела прашкаста материја и марихуана.

По целосно документирање на случаите, ќе следуваат соодветни поднесоци.

СВР - Штип поднесе кривична пријава против Д.Н., на возрат од 20 години од овој град, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 10 јануари во Штип, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што е пронајдена и одземена марихуана.

Вчера во 18:16 часот во СВР - Скопје е пријавено дека на крстосница од булеварите „Никола Карев“ и „8 Септември“, мотоцикл со скопски регистарски ознаки, управуван од С.И., на возрат од 47 години од главниот град на државава, излетал од коловозот и удрил во бетонски столб.

Од здобиените повреди, возачот и неговата сопатничка А.Н., на возрат од 32 години од Скопје, починале на местото на несреќата. Лекар од Итна медицинска помош констатирал смрт кај лицата. Извршен е увид од увидна екипа на СВР - Скопје и јавен обвинител, по чија наредба, телата на починатите се предадени во Судска медицина на обдукција.

Синоќа во 22:30 часот во СВР - Велес е пријавено дека на експресниот пат Прилеп - Градско, пред приклучокот за автопатот Неготино - Велес, товарно возило „рено мастер“ со кривопаланечки регистарски ознаки, управувано од А.Ѓ., на возраст од 42 години од Крива Паланка, излетало од коловозот и удрило во заштитна ограда.

После тоа, М.В., на возраст од 44 години од село Трубарево, скопско, кој управувал товарно возило „ман“ со скопски регистарски ознаки, избегнувајќи го товарното возило „рено“, со возилото излетал од коловозот и удрил во метална ограда. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил возачот на товарното возило „рено мастер“ и е пренесен во Општата болница во Велес, каде што во 1:30 часот, денеска, починал. По наредба на јавен обвинител, телото на починатиот е предадено во Судската медицина на обдукција. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР - Велес.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против Т.А., на возраст од 20 години од главниот град на државава, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“.

На 10 март во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што била пронајдена и одземена марихуана.

Вчера околу 17:50 часот во СВР - Скопје е пријавено дека на булеварот „Гоце Делчев“ се случила сообраќајна несреќа.

Сообраќајната несреќа била помеѓу патничко возило „фолксваген голф“ со битолски регистарски ознаки, управувано од Ѓ.Г., на возраст од 31 година од Битола и мотоцикл „веспа“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Б.П., 39-годишно лице од Скопје. Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР - Скопје.

СВР - Скопје поднесе кривична пријава против А.Г., на возраст од 46 години од Струга, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурзори“.

На 2 март во Скопје, полициски службеници извршиле преглед над пријавениот, при што биле пронајдени и одземени таблети - МДМА.

Синоќа околу 22:30 часот во СВР - Скопје е пријавено дека на улицата „Кемал Сејфула“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.М., на возраст од 43 години од главниот град на државава и мотоцикл „пиаџо“ со скопски регистарски ознаки, управуван од Б.И., 35-годишно лице од Скопје.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил сопатникот од мотоциклот, Б.А., 38-годишно лице од Скопје, констатирани во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР - Скопје.

Вчера околу 18:15 часот во СВР - Куманово е пријавено дека на улицата „Ѓорче Петров“ се случила сообраќајна несреќа помеѓу патничко возило „бмв“ со кумановски регистарски ознаки, управувано од Д.А., на возраст од 25 години од Куманово и мотоцикл „кавасаки“ со кумановски регистарски ознаки, управуван од М.Т., 30-годишно лице, исто така од овој град.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општата болница во Куманово. Извршен е увид од увидна екипа на СВР - Куманово.

Вчера во 18:40 часот на граничен премин - Меѓународен аеродром Скопје, полициски службеници го лишија од слобода Н.Т., на возраст од 47 години од Република Турција.

Тоа, затоа што при гранична контрола на увид приложил фалсификувана патна исправа. Лицето е предадено на полициски службеници од Полициска станица - Гази Баба за понатамошна постапка.

Вчера во 12:55 часот на улица „Никола Парапунов“ во Гостивар, полициски службеници ја привеле В.С., 41-годишна гостиварка, која била барана по потерница врз основа на судска наредба за издржување на затворска казна од седум месеци за сторено кривично дело по член 215 од Кривичниот законик.

Таа е спроведена во Казнено - поправната установа „Затвор - Идризово“ за издржување на казната.

Вчера во 15:58 часот во ОВР - Кочани е пријавено дека на локален пат село Полаки - село Мишино, патничко возило „мерцедес“ со кочански регистарски ознаки, управувано од М.А., на возраст од 73 години од Кочани, излетало од коловозот.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил возачот, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“ во Скопје, каде бил пренесен за укажување помош. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР - Кочани.

Вчера во 11:20 часот во ОВР - Гостивар е пријавено дека на улицата „Беличица“, патничко возило удрило во пешакот Б.М., 76-годишно лице од Гостивар, по што возачот со возилото го напуштил местото.

Околу 17 часот, пешакот заминал во Медицинскиот центар - Гостивар, при што му се констатирани тешки телесни повреди. Запознаен бил јавен обвинител и по негова наредба, извршен е увид од увидна екипа на ОВР - Гостивар.

Во СВР - Тетово, 39-годишник од овој град, управител во приватна компанија во тетовско, пријавил дека биле измамени за сума од 145.360 долари.

Според пријавеното, по претходен договор, на сметка на фирма од Тајланд, ги уплатиле парите, но, по извесен период, кога се појавил наводен проблем околу транспортот, констатирале дека биле измамени. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Синоќа во 20:25 часот, полициски службеници од СВР - Тетово ги лишиле од слобода А.М.(18) од село Нераште, А.И.(18), Е.Б.(21) и тројца малолетници, сите од село Доброште.

Претходно,  А.Ј.(22) и Ф.М.(18), двајцата од село Одри, тетовско, пријавиле дека претходната вечер, околу 23 часот на регионален пат село Јажинце - Тетово, додека се движеле со патничко возило „бмв" со тетовски регистарски таблички, лицата со две возила им го блокирале патот, а откако побегнале, биле следени и притоа слушнале истрели од огнено оружје. По преземени мерки кај село Пршовце е пронајдена чаура од испукан куршум, а лицата се задржани во полициска станица и по документирање на случајот, ќе им биде изготвен соодветен поднесок.

Вчера во 18:30 часот во Полициската станица - Бит Пазар, 83-годишна жена од Скопје пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 17.300 евра.

Според пријавеното, лицето ѝ се јавило телефонски, лажно се претставило како полициски службеник и ја информирало дека нејзината внука предизвикала сообраќајна несреќа, прегазила дете - мигрант, кое починало. Според пријавеното, таа ги извадила парите од банка и ги оставила на договореното место, а подоцна сфатила дека е измамена. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 10:50 часот во СВР - Скопје, К.В., 45-годишен скопјанец, наставник во средно училиште на подрачје на Чаир, пријавил дека во 10:20 часот во дворот на училиштето, а подоцна и пред училиштето, бил физички нападнат од поранешен 15-годишен ученик во училиштето.

Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

Синоќа во 21:10 часот во ОВР - Прилеп е пријавено дека на улицата „Тризла“,  мотоцикл со прилепски регистарски ознаки, управуван од Н.Е., на возраст од 51 година од овој град, излетал од коловозот.

Во несреќата, со тешки телесни повреди се здобил мотоциклистот, констатирани во Општа болница во Прилеп. Извршен е увид од увидна екипа на ОВР - Прилеп.

Вчера во 15 часот во СВР - Скопје, А.А., 45-годишна скопјанка, пријавила дека околу 11 часот на влезот на основно училиште на подрачјето на Центар, физички била нападната од С.П., вработен како обезбедување во училиштето.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

На 21 мај во 14:45 часот во СВР - Скопје, Д.К., 39-годишен скопјанец, пријавил дека на подрачјето на Кисела Вода, поради претходно нерасчистени должничко-доверителски односи, бил физички нападнат од Б.Н., на возраст од 64 години од Скопје.

Синоќа во 22:40 часот во СВР - Скопје, Л.П., 19-годишен скопјанец, пријавил дека околу 21:30 часот на подрачјето на Центар бил физички нападнат од две лица.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска во 1:30 часот, полициски службеници го привеле С.Н., на возраст од 44 години од Скопје, постапувајќи по претходна пријава дека на паркинг - простор на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање за паркинг - место, физички ги нападнал Ф.Н., на возраст од 43 години и нејзиниот сопруг И.Н., 43-годишно лице, двајцата скопјани.

По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветен поднесок.

Вчера во 15 часот во СВР - Скопје, Т.Г., 43-годишен скопјанец, пријавил дека околу 9:45 часот во двор на основно училиште на подрачјето на Центар, неговиот малолетен син бил физички нападнат од неколку лица, од кои едното го познавал.

Според пријавеното, на 22 и на 23 мај, неговиот син на социјална мрежа добивал закани од ист профил. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера околу 18:20 часот во СВР - Скопје, А.П., 47-годишен скопјанец, пријавил дека на паркинг - простор на подрачјето на општина Аеродром бил физички нападнат од едно лице, при што се здобил со повреди, констатирани во Комплекс клиники „Мајка Тереза“.

Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Вчера во 8:50 часот во Полициската станица - Берово, 18 - годишна девојка пријавила дека била физички нападната од нејзиниот невенчан сопруг А.Д., на возраст од 27 години од Берово.

Со него бил извршен службен разговор во полициска станица и по целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.

Вчера во 11:43 часот во СВР - Штип е пријавено дека на улицата „Вера Циривири Трена“ настанала експлозија од плинска боца во стан сопственост на П.Р., на возраст од 70 години, при што од притисокот, врата и прозорец биле исфрлени од станот и паднале врз паркирано патничко возило „југо“.

Од експлозијата, сопсветничката се здобила со повреди и била пренесена во Клиничката болница - Штип за укажување на лекарска помош. Извршен бил увид од увидна екипа на СВР - Штип. бд/

Фото: МИА архива

Остани поврзан