• понеделник, 25 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 28 април 2023 (МИА) - Надворешната канцеларија за криминалистички работи Берово поднесе кривична пријава против Љ.С.(61) од Берово, Т.Ч.(49) од с.Мачево, беровско и Г.М.(48) од с.Блатец, виничко, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „злоупотреба на службената положба и овластување“, „фалсификување службена исправа“ и „кражба“. Во периодот од март до октомври 2022, Љ.С. и Т.Ч., вработени во ЈП „Национални шуми“ - подружница „Малешево“ во Берово, му овозможиле на Г.М. да изврши бесправна сеча, дотур и превоз на дрвна маса, при што е предизвикале штета на шума од 3.813.600 денари.

СВР Битола поднесе кривична пријава против Ц.М.(64) од Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „вршење на јавен превоз без поседување лиценца“. На 20.12.2022 во Битола, пријавениот бил затекнат како со патничко возило „пежо 206“ врши јавен такси превоз на патници без да поседува лиценца издадена од надлежен орган.

СВР Штип поднесе кривична пријава против А.Ј.(37) од Штип поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „оштетување и неовластено навлегување во компјутерски систем“. Во периодот од 13.04. до 19.04.2023, пријавениот ги обезбедил податоците од дебитна картичка на лице од Италија, со привремен престој во Штип, по што извршил 72 успешни трансакции на 27 продажни места и се стекнал со противправна имотна корист од 70.300 денари.

Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје поднесе кривична пријава против С.С.(39) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „лажно претставување" по член 391 и „фалсификување исправа" по член 378 од Кривичниот законик. На 25.06.2022 во Скопје, при легитимирање од страна на полициски службеници, пријавениот лажно се претставил дека е вработен во Армија на Република Северна Македонија и притоа употребил лажна службена легитимација.

Во текот на вчерашниот ден (27.04.2023) во периодот од 10.00 до 16.00 часот од страна на секторите за внатрешни работи и патролни тимови составени од полициски службеници од Одделот за униформирана полиција, спроведена е акциска контрола во областа на сообраќајот на територијата на цела држава, при што изречени се 245 санкции за сообраќајни прекршоци. При контролата, санкционирани се 39 возачи за возење без возачка дозвола, а пет возила биле нерегистрирани... На вонреден технички преглед биле упатени 35 возила, а кај 11 биле констатирани технички неисправности.

На 27.04.2023 во периодот од 10.00 до 16.00 часот на поширокото гостиварско подрачје, Секторот за внатрешни работи Тетово спроведе акциска контрола за техничка исправност на возилата. При контролата санкционирани се три возила со вградени неатестирани фолии, едно возило со неисправни сопирачки и едно нерегистрирано возило. Санкционирани, исто така, биле и двајца возачи кои не поседувале возачки дозволи, како и 10 други видови сообраќајни прекршоци. За сите прекршоци поднесени се соодветни поднесоци.

На 27.04.2023 околу 23.00 часот во близина на клучката за тетовско Желино, полициски службеници на СВР Тетово ги привеле Ф.Л.(30) од Република Косово и Х.К.(29) од Република Албанија поради сомнение дека непријавено престојувале на подрачјето. Двете биле задржани во Полициската станица Тетово за натамошна постапка.

На 27.04.2023 во 11.34 часот во СВР Скопје, И.Ц.(21) од Скопје пријавил дека во 11.30 часот на паркинг на бул.„АСНОМ“ во Скопје, додека бил со уште неколку лица, дошол К.Ј. од Скопје и од пиштол испукал еден куршум кон него, но не го погодил. Увид бил извршен и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.04.2023 во 16.00 часот во Полициската станица Карпош, С.Б.(38) од Скопје пријавила дека на 26.04.2023 околу 21.45 часот во градски автобус, кој сообраќал од Порта Влае кон Бардовци, нејзиниот малолетен син бил физички нападнат од тројца малолетници. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.04.2023 во 22.40 часот во СВР Скопје, К.М.(34) од Скопје пријавила дека околу 20.00 часот во хотел на подрачјето на Центар, по претходно недоразбирање, била физички нападната од две лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.04.2023 во 18.53 часот во СВР Скопје било пријавено дека на подрачјето на Кисела Вода, по претходно недоразбирање, бил нарушен јавниот ред и мир со физичка пресметка помеѓу Ф.П.(35) и В.С.(22), двајцата од Скопје. По целосно документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.

На 27.04.2023 во 18.30 часот во СВР Скопје, М.З.(25) од Скопје пријавила дека во с.Петровец, скопско, таа и нејзината мајка З.З.(55) биле физички нападнати од нивниот сосед Е.Л.. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 27.04.2023 во 17.20 часот во СВР Скопје, Д.К.(20) од Скопје пријавил дека околу 16.50 часот во автобус на ЈСП на подрачјето на Центар бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  
 
На 27.04.2023 во 16.30 часот во СВР Скопје, Г.М.(53) од Скопје пријавил дека на 23.04.2023 околу 15.00 часот на подрачјето на Аеродром неговиот малолетен син бил физички нападнат од друг малолетник со тврд предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.04.2023 во 03.20 часот во СВР Скопје, А.Х.(38) од Скопје пријавил дека на 26.04.2023 околу 23.25 часот на подрачјето на Карпош, додека бил во патничко возило со неговиот брат, бил физички нападнат од В.П и уште три лица кои употребиле и тврди предмети. Причина за физичкиот напад биле нерасчистени имотно-правни односи. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.04.2023 околу 22.43 часот во Полициската станица Бит Пазар, 39-годишна жена од Скопје пријавила дека на 21.04.2023 двајца малолетници со закана извршиле полово дејствие врз нејзиниот малолетен син, а настанот го снимале, по што видеото го споделиле на неколку лица. Известен е јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (28.04.2023) во 07.30 часот во СВР Скопје било пријавено дека во Градскиот парк во Скопје била одземена бистата на народниот херој Цветан Димов. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.04.2023 во 10.49 часот во Полициската станица Драчево било пријавено дека на 27.04. во периодот од 00.30 до 08.00 часот бил оштетен прозорец и биле испишани графити на надворешниот дел на верски објект на ул.„Гутенбергова“. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.04.2023 во 13.30 часoт во Полициската станица Карпош, од Јавна установа за згрижување  на деца - ОЕ Козле било пријавено дека од установата се оддалечил нивниот штитеник М.А.(16), кој и претходно се оддалечувал и бил враќан назад. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

На 27.04.2023 во 09.00 часот во Полициската станица Валандово, З.С.(48) од село Марвинци, валандовско, пријавил дека во село Марвинци неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник. Истиот ден, во 09.15 часот и С.С.(51) од село Марвинци пријавил дека на игралиштето во училиштето во село Марвинци неговиот малолетен син бил каснат од куче скитник.

На 28.04.2023 во 00.40 часот во СВР Скопје, Р.Н.(41) од с.Батинци, скопско, пријавил дека на 27.04.2023 околу 19.40 часот во градски автобус во с.Батинци, неговата малолетна ќерка била физички нападната од три машки лица, од кои еден малолетник. Според пријавеното, причина за нападот е претходно недоразбирање на неговата ќерка со друга малолетничка од с.Батинци со која биле во автобусот. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против Д.Д.(29) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „ширење на расистички и ксенофобичен материјал по пат на компјутерски систем“. На 24.06.2022 на социјална мрежа Фејсбук, на објава од портал, пријавениот напишал коментар со кој промовирал и поттикнувал омраза и насилство.

СВР Охрид поднесе кривична пријава против А.Д.(42) од Охрид и против правно лице со седиште во с.Косел, охридско, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „бесправно градење“ и „узурпација на недвижности“. Првопријавениот, сопственик и управител на правното лице, на имот на катастарска парцела во Охрид, спротивно на Законот за градење, без да поседува одобрение за градење извршил доградба на деловен простор на државно земјиште, што било утврдено на 05.04.2023 од овластен градежен инспектор при општина Охрид.

СВР Куманово поднесе кривичнa пријавa против В.З. од Куманово поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „недозволена наплата или исплата во ефективни странски пари“. Пријавениот, на лице од Куманово му извршил размена на 100 евра, а при преглед над пријавениот биле пронајдени 444.710 денари, 13.115 евра, 190 швајцарски франци, 2.770 српски динари и три американски долари, кои ги користел за наплата и исплата во ефективни странски пари и обратно, без регистрирано правно лице или соодветна лиценца од Народната банка на Република Северна Македонија. сх/дма/

Фото: МИА архива

Остани поврзан