• четврток, 21 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 28 декември 2023 (МИА) - На 27.12.2023 во 13.30 часот на булеварот „Ослободување“ во Кичево, полициски службеници од ОВР Кичево го лишиле од слобода А.Е.(28) од кичевското село Аранѓел. Тој, со лична карта на друго лице и без добиена согласност, се обидел од кредитно друштво во Кичево да подигне кредит и на тој начин да се стекне со протиправна имотна корист. При преглед кај него, полициските службеници ја пронашле и одзеле личната карта. По целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

ОВР Кичево поднесе кривична пријава против Х.Н.(29) од Гостивар поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурсори“. При преглед во неговото моторно возило „ауди“, извршен на „Битолска крстосница“, полициските службеници пронашле и одзеле марихуана.

На 27.12.2023, по преземени оперативни мерки и активности, полициски службеници од Одделението за внатрешни работи Берово во продажен објект во с. Русиново, беровско од В.В. одзеле повеќе парчиња пиротехнички средства. Во консултација со јавен обвинител, по целосно документирање на случајот, против В.В. ќе биде поднесена соодветна пријава по член 396 од Кривичниот законик.

На 27.12.2023 околу 18.15 часот на место викано „Дупки“ во близина на граничната линија со Косово, полициски службеници од Полициската станица за гранични проверки и граничен надзор Блаце при Регионалниот центар за гранични работи Север пронашле ќеса со вкупно 5.000 парчиња пиротехнички средства, спакувани во 50 кутии. За настанот бил известен јавен обвинител, а пиротехничките средства биле подигнати за понатамошна постапка. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.12.2023 во 21.10 часот во ОВР Демир Хисар, од Јавната здравствена установа - Здравствен дом Демир Хисар било пријавено дека на преглед дошол З.Р.(58) од с.Жван, демирхисарско, кој имал повреда здобиена на работно место во рудник во општина Новаци. Се преземаат мерки за расчистување на настанот.

На 27.12.2023 во 23.50 часот во Велес, полициски службеници од СВР Велес го лишиле од слобода Г.Ш.(44) од Велес затоа што во домот на 56-годишна велешанка и се заканувал нејзе и на нејзиното семејство поради наводен долг на нејзиниот брат кон него. За настанот бил известен јавен обвинител, а Г.Ш. е задржан во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.  

На 28.12.2023 во 00.20 часот во велешко село, полициски службеници од Полициското одделение Чашка го лишиле од слобода Џ.Б.(49) од селото затоа што во семејниот дом, по претходна расправија, физички го нападнал неговиот 57 - годишен татко, при што употребил и дрвен предмет. Предметот е одземен и за настанот бил известен јавен обвинител. Лицето е приведено во полициска станица и по целосно документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

Денеска (28.12.2023) во 12.05 часот во Куманово, полициски службеници од СВР Куманово ги лишиле од слобода В.Т.(30) и С.М.(44), двајцата од Куманово, затоа што според пријавеното во 11.50 часот во угостителски објект на улицата „Ѓорче Петров“ во Куманово физички го нападнале Б.К. од Куманово. Тие биле приведени во полициска станица и по целосно документирање на случајот против нив ќе следува соодветна пријава.

На 27.12.2023 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле констатирани 31 прекршоци од кои 24 надвор од населено место и 7 во населено место. Санкционирани биле и 31 други видови на прекршоци од кои 2 за нерегистрирано возило, 11 за управување возило без возачка дозвола, 1 за управување возило под дејство на алкохол, 8 за некористење сигурносен појас и 9 за непрописно паркирање.

На 27.12.2023 во 21.00 часот, полициски службеници од Полициската станица Аеродром го лишиле од слобода М.Е.(65) од Скопје затоа што околу 16.00 часот на подрачје на Аеродром со остар предмет се заканил на Д.П.(32) и неговата мајка М.П.(52) од Скопје, по што и физички ја нападнал М.П., според пријавеното, по претходна расправија во врска со случена сообраќајна незгода со Д.П.(32).. По целосно документирање на случајот, ќе следува соодветна пријава.  

На 27.12.2023 во 20.10 часот во СВР Скопје, од Казнено - поправна установа Затвор Идризово било пријавено дека на 26.12.2023 во затворот, поради нерасчистени должничко - доверителски односи, осуденикот А.М.(27) со тврд предмет бил нападнат од осуденикот Б.Р.(33), двајцата од Скопје. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.12.2023 околу 19.15 часот во СВР Скопје, од Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ било пријавено дека кај нив со убодни рани бил донесен 16-годишник од Скопје. Според пријавеното, на подрачје на Полициската станица Бит Пазар, при физичка пресметка, тој бил нападнат со остар предмет од друг малолетник од Скопје. Во врска со настанот, во 21.05 часот, 17-годишник од Скопје пријавил дека на истото место и тој бил нападнат со остар предмет од истиот малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Денеска (28.12.2023) околу 01.20 часот во СВР Скопје, Е.З.(37) од Скопје пријавил дека на ул.„Крсте Асенов“ настанал пожар во неговото патничко моторно возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки. Екипа на Бригадата за противпожарна заштита Скопје го изгаснала пожарот, а повредени лица нема. Извршен бил увид.  

На 26.12.2023 во 23.50 часот во СВР Скопје, О.Ц.(45) од с.Р`жаничино, скопско, пријавил дека пред угостителски објект на подрачјето на Петровец, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од С.Ј. од с.Петровец, скопско. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.    

На 27.12.2023 во 17.30 часот во СВР Скопје, И.К.(39) од с.Петровец, скопско, пријавил дека пред пазарот во с. Петровец, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од Б.Н. и М.Н., двајцата од с.Р`жаничино. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.12.2023 во 11.40 часот во СВР Скопје, Д.Л.(22) од Скопје пријавил дека на 08.12.2023  околу 19.45 часот на подрачјето на Бит Пазар бил физички нападнат од две лица, при што едното од нив му нанело повреда со остар предмет. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 27.12.2023 во 11.00 часот во СВР Скопје, Ш.Ј.К.(32) од Скопје пријавил дека на 24.12.2023 околу 04.00 часот на подрачјето на Центар, по претходна расправија, бил физички од три лица. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.
 
На 27.12.2023 во 11.15 часот во СВР Скопје, Н.Н.(68) од Скопје пријавил дека на бензинска пумпа во с.Идризово, скопско, по претходно недоразбирање, бил физички нападнат од едно лице. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.12.2023 во 20.00 часот во СВР Скопје, Н.М.(25) од Скопје пријавила дека на подрачјето на Ѓорче Петров нејзиниот малолетен син физички бил нападнат од друг малолетник. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 27.12.2023 во 13.30 часот во Полициската станица Карпош, М.Д.(66) од Кратово пријавил дека од домот во кој престојува во Скопје се оддалечила неговата ќерка Б.Д.(30), по претходна расправија со С.Н. - државјанин на Швајцарија, со кого била во љубовна врска. Се преземаат мерки за пронаоѓање на лицето.

СВР Скопје поднесе кривична пријава против Е.Ј.(35) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“. На 22.12.2023 во село Семениште, скопско, полициски службеници извршиле претрес во домот на пријавениот, при што пронашле и одзеле два пиштоли „Р38“ со рамка и „Црвена застава“ калибар 7,65 милиметри, автоматска пушка „М70 АВ2“ и три рамки за неа и 79 куршуми.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Д.Т.(36) од Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „несовесно работење во службата“. На 07.09.2022, пријавениот - вработен како менаџер за деловни корисници во мобилен оператор од Скопје, изготвил претплатнички договор склучен помеѓу операторот и Апелационен Суд Гостивар за мобилна претплатничка линија, мобилна телефонија и интернет за вкупно 16 претплатнички телефонски броеви кои ги користеле вработени службени лица во Апелационен суд, во кој вметнал и телефонски број кој извесен период го користело лице од Скопје, при што во периодот од октомври 2022 година до август 2023 година во месечната фактура на име на Апелационен суд Гостивар се наплатувала и фактурата за бројот на лицето од Скопје. Со ваквите дејствија пријавениот го оштетил Апелационен Суд Гостивар за сума од 23.343 денари.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Гостивар поднесе кривична пријава против Б.Е.(44) од село Калиште поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „пустошење на шума“. Во периодот од 25.12.2022 до 04.01.2023, пријавениот, без одобрение за сеча издадено од надлежен орган, во шума во атар на село Зубовце, сопственост на ЈП Национални шуми - Шар Гостивар, со моторна пила бесправно исекол 285 разновидни стебла огревни дрва, со што предизвикал материјална штета во износ од 104.268 денари. 

Фото: МИА Архива

Остани поврзан