• петок, 22 ноември 2024

МВР Билтен (ДПЛ)

МВР Билтен (ДПЛ)

Скопје, 5 јануари 2024 (МИА) - На 04/05.01.2024 Националната единица за сузбивање на криумчарење мигранти и трговија со луѓе при Сектор за криминалистички истраги во Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, по добиени наредби за претрес од Основен кривичен суд, Скопје, извршени се претреси во три угостителски објекти, од кои два на подрачјето на СВР Тетово и еден на подрачјето на Охрид. При спроведените полициски и истражни дејствија во трите угостителски објекти биле  затекнати вкупно 99 женски лица со потекло од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Косово, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија, Казахстан и Р.Северна Македонија, кои престојувале спротивно на целта, а пронајдена е една ќеса со прашкаста материја и еден пиштол „Гамо“ калибар 4,5 мм. Во угостителскиот објект сопственост на И.И.(26), биле затекнати 50 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија и Косово, како и ќеса со дрога. Во угостителскиот објект, сопственост на А.Џ.(26), беа затекнати 36 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Албанија, Колумбија, Србија, Аргентина, Бугарија и Северна Македонија, а пронајден е и пиштол. При претресот извршен во угостителскиот објект во Охрид, сопственост на Х.А.(34), биле затекнати 13 девојки од Украина, Русија, Белорусија, Казахстан и Северна Македонија. Во однос на затекнатите женски лица кои престојувале спротивно на целта ќе се отпочне со прекршочна постапка пред надлежен суд, а против сопствениците ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.

Денеска (05.01.2024), по преземени мерки и активности, полициски службеници од СВР Битола-ОВР Прилеп на информативен разговор во Полициска станица Прилеп повикале пет малолетници од Прилеп. Тие се сомничат дека на 24.12.2023 околу 01.00 часот во централното градско подрачје во Прилеп физички го нападнале Д.Д.(46) од Прилеп и му одзеле чанта со повеќе лични документи и предмети. Предметите се пронајдени и вратени на оштетениот. Исто така, тие се сомничат дека на 28.12.2023 околу 21.00 часот во централното градско подрачје во Прилеп физички го нападнале К.С.(19) и малолетник, а истиот ден на ул.„Борка Талески“ физички го нападнале и М.Т.(58), сите од Прилеп. По целосно документирање на настаните, против лицата ќе бидат поднесени соодветни пријави.  

На 04.01.2024 околу 23.00 часот на Граничен премин Богородица, при контрола на товарно возило „сканија“ со полски национални ознаки, управувано од К.Ј.(60) од Украина, биле пронајдени четири лица мигранти (три од Сирија и едно од Авганистан). Со возачот и мигрантите бил извршен службен разговор, при што било констатирано дека мигрантите, на државната граница со Република Грција, влегле во задниот дел од возилото, додека тоа не било во движење. Тие биле пренесени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка.

На 05.01.2024 околу 04.00 часот на Граничен премин Богородица, при контрола на товарно возило „даф“ со полски национални ознаки, управувано од Д.К.(31) од Полска, биле пронајдени четири лица мигранти (три од Сирија и едно од Авганистан). Со возачот и мигрантите бил извршен службен разговор и било констатирано дека мигрантите влегле во задниот дел од возилото додека тоа не било во движење на државната граница со Република Грција. Мигрантите биле пренесени во прифатно-транзитен центар за понатамошна постапка.

На 03.01.2024 во 21.30 часот во спортска обложувалница на подрачјето на Аеродром, полициски службеници од СВР Скопје пронашле марихуана. Извршен бил увид и се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

На 04.01.2024 на подрачјето на СВР Штип спроведена е акциска контрола на возачи кои управуваат возила со брзина поголема од пропишаната. За време на контролата биле санкционирани 23 прекршоци, од кои 16 надвор од населено место и 7 во населено место. Санкционирани биле и 13 други видови на прекршоци.

На 04.01.2024 од 08.00 до 12.00 часот на подрачјето на СВР Тетово спроведена е акциска контрола на товарни возила, во која биле санкционирани 4 возила (ТЕ-3 и ГВ-1) со неисправни сопирачки и 4 (ТЕ) кај кои бил констатиран претовар. Осумте возила се исклучени од сообраќај и изготвени се законски предвидените поднесоци. Покрај ова, санкционирани се и 5 други видови сообраќајни прекршоци (ТЕ-3 и ГВ-2).

На 04.01.2024 во 20.45 часот во ОВР Берово било пријавено дека на локалниот пат с.Владимирово - с.Мачево, на место викано „Бобиште“, патничко возило „ренџ ровер“ со пехчевски регистарски ознаки, управувано од М.С.(18) од с.Робово, струмичко, излеталo од коловозот. Во несреќата со тешки телесни повреди се здобил сопатникот И.Б.(22) од Берово, констатирани во Клиничката болница Штип. Извршен бил увид од увидна екипа од ОВР Берово.

На 05.01.2024 во 13.10 часот во СВР Куманово, 74-годишен маж од Куманово пријавил дека бил измамен од едно лице за сума од 3.000 денари. Според пријавеното, лицето му понудило огревно дрво и, откако се договориле, му побарало пари за да го наполни камионот со гориво за да му ги донесе, но не се вратило. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.01.2024 во 19.30 часот во СВР Скопје, 41-годишна жена од Скопје пријавила дека во трговски центар на подрачјето на Аеродром била физички нападната од нејзиниот поранешен вонбрачен партнер Г.Х.(48). По целосно документирање на случајот ќе следува соодветен поднесок.  

На 04.01.2024 во 19.10 часот во Полициската станица Велес, И.А.(50) од село Бузалково, велешко, пријавил дека на улица „Борис Трајковски“ во Велес бил каснат од куче скитник.

На 04.01.2024 во 08.50 часот во СВР Скопје, А.Б.(70) од Скопје пријавил дека на Клиниката за гинекологија и акушерство во Комплексот клиники „Мајка Тереза“– Скопје, по претходна расправија со А.В.(30) и А.З.(27), вработени како обезбедување, А.В. му се заканил со остар предмет и физички го нападнал. Извршен е службен разговор и се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 04.01.2024 во 09.55 часот во СВР Тетово, 76 - годишниот тетовец А.Ј. пријавил дека на улица „Борис Кидрич“ во Тетово бил каснат од куче скитник.

На 04.01.2024 во СВР Скопје било пријавено дека околу 21.00 часот во спортска обложувалница на подрачјето на Чаир едно лице со закана кон вработениот одзело пари. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.  

Надворешната канцеларија за криминалистички работи Кочани поднесе кривична пријава против К.З.(74) од Кочани, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „демнење“. Пријавениот, во последните два месеца следел жена со која претходно бил во љубовна врска.

Денеска (05.01.2024) во 00.45 часот во Полициската станица Центар, О.Б.(43) од с.Волково, скопско, пријавил дека на 04.01.2024 околу 23.30 часот на подрачје на Центар, три лица со закана се обиделе да одземат паричник од неговиот малолетен син и личен предмет на негов другар, по што едно од лицата физички ги нападнало двајцата. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

На 05.01.2024 во 11.45 часот во СВР Куманово, П.Ц.(69) од Куманово пријавил дека на булеварот „ Октомвриска револуција“ во Куманово бил каснат од куче скитник.

СВР Тетово поднесе кривична пријава против Ф.Ф.(27) од Тетово, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“. На 02.01.2024, полициски службеници извршиле претрес во неговиот дом, при што била пронајдена и одземена марихуана. Нему му е одредена мерка притвор и бил спроведен во Казнено-поправната установа Затвор Скопје.

Остани поврзан