Мацут: Време е да се размислува за реконтрукција на владата, можеби уште напролет
- Министрите во Владата на Србија треба да бидат пооперативни и време е да се размислува за реконструкција на владата, можеби уште напролет, изјави утрово за РТС српскиот премиер Ѓуро Мацут.
Белград, 27 јануари 2026 (МИА) - Министрите во Владата на Србија треба да бидат пооперативни и време е да се размислува за реконструкција на владата, можеби уште напролет, изјави утрово за РТС српскиот премиер Ѓуро Мацут.
Тој нагласи дека приоритети на Владата се завршувањето на Експо 2027, енергетската безбедност и транзиција, забрзувањето на европската интеграција и сеопфатна реформа на образовниот систем, како и воведувањето на воен рок.
Тој најави зајакнување на одговорноста во државниот апарат, подобра подготвеност за справување со последици од временски непогоди и продолжување на разговорите со Брисел за проблемите на транспортерите, со повик за дијалог и намалување на социјалните тензии.
Српскиот премиер нагласи дека вонредната тематска седница на владата била преглед на моменталната состојба и дефинирање на јасни задачи за членовите на кабинетот. Тој наведува дека целите се прецизно поставени и дека е потребно да се забрза нивното спроведување, со јасна одговорност на сите ресори.
Во врска со европскиот пат на Србија, Мацут оцени дека постои одреден застој, но дека не е толку изразен како што често се претставува. Тој наведува дека формирањето оперативен тим е логичен чекор кон забрзување на процесот.
„Формирано е координативно тело што ќе ја анализира ситуацијата на неделна основа, бидејќи Брисел е огромно место и не знаете кого да контактирате“, објасни Мацут во изјава за утринскиот дневник на РТС.
Според него, телото ќе го води српскиот амбасадор во ЕУ, со учество на шест министри и претставници на Кабинетот на премиерот, што треба да овозможи поефикасна координација и комуникација со европските институции. зш/сд/
фото Принтскрин/РТС