Марсал Сантош за МИА: Франција мора да дејствува решително ако сака намалување на јавниот долг
- Јавниот долг во Франција тргна по нагорна патека во 2024 година и тоа треба да се промени. При непроменети политики, Комисијата очекува и јавниот дефицит и долгот да се зголемат следната година на 5,7, односно 118,4 отсто од БДП, што бара континуирано решително дејствување од страна на Франција во однос на дефинирањето на Буџетот за 2026 година, вели Марсал Сантош.
Брисел, 18 јули 2025 (МИА) - Од суштинско значење е Франција да се придржува до насоките за фискално прилагодување препорачани од Советот на ЕУ, со цел да го намали својот голем дефицит и на крајот да го доведе високиот јавен долг на одржлива патека кон намалување, изјави за МИА службеничката за односи со јавноста на Европската комисија за економија и продуктивност Франсиска Марсал Сантош во врска со рекордното ниво на францускиот државен долг.
- Јавниот долг во Франција тргна по нагорна патека во 2024 година и тоа треба да се промени. При непроменети политики, Комисијата очекува и јавниот дефицит и долгот да се зголемат следната година на 5,7, односно 118,4 отсто од БДП, што бара континуирано решително дејствување од страна на Франција во однос на дефинирањето на Буџетот за 2026 година, вели Марсал Сантош.
Во Препораките на Советот на ЕУ до Франција од јануари годинава се посочува дека земјата мора да преземе „ефикасни мерки“ за да обезбеди номиналната стапка на раст на нето расходите да не ги надминува утврдените максимални нивоа, со цел да се стави крај на состојбата со прекумерен дефицит до 2029 година. Во документот се наведува дека номиналната стапка на раст на нето расходите на Франција не треба да надмине 0,8 отсто во 2025 година, 1,2 проценти во 2026, 2027 и 2028 година и 1,1 отсто во 2029 година.
Согласно Договорот за Европската унија од 1992 година, уште познат и како Мастришки договор, државите членки на ЕУ треба да „избегнуваат прекумерни буџетски дефицити“, кои на годишно ниво не треба да се поголеми од три отсто од БДП, при бруто јавен долг на ниво од најмногу 60 проценти од БДП.
Според француската статистичка агенција Инсее, во текот на првите три месеци од оваа година јавниот долг на Франција се зголемил за дополнителни 40,5 милијарди евра достигнувајќи рекордни 3.300 милијарди евра, што претставува 114 проценти од БДП. Кога станува збор за буџетскиот дефицит, тој лани изнесуваше 5,8 отсто од БДП, а за оваа година француската Влада проектира негово намалување на 5,4 проценти од БДП.
Сепак, според Марсал Сантош, за 2025 година Европската комисија предвидува францускиот буџетски дефицит да изнесува 5,6 отсто од БДП.
Таа додаде дека поради буџетскиот дефицит на Франција од 5,4 отсто во 2023 година, на 26 јули 2024 година на предлогот на Комисијата, Советот на ЕУ започна постапка за прекумерен дефицит против Франција. Но, веќе во ноември ЕК предложи прекин на постапката, врз основа на преземените обврски од страна на француската Влада за спроведување мерки за намалување на долгот.
Во сегашната фаза, според Марсал Сантош, Европската комисија не разгледува никакви дополнителни мерки против Франција.
- Проценката на годишниот извештај за напредокот на Франција е спроведена во контекст на неодамна објавениот Пролетен пакет за Европскиот семестар за 2025 година, во кој беше оценето дека Франција е во согласност со барањата на Пактот за стабилност и раст, но во исто време таа беше повикана да биде подготвена да преземе дополнителни мерки за корективно усогласување, со оглед на можноста за мало отстапување од предвиденото за 2025 година, нагласи Марсал Сантош.
Во врска со преземената обврска од страна на француската Влада за намалување на буџетскиот дефицит на три проценти од БДП до 2029 година, Марсал Сантош вели дека тоа е остварлива цел, под услов во текот на наредните години Франција да презема одржливи и кредибилни мерки.
- Од суштинско значење е Франција да се придржува кон насоките за фискално прилагодување препорачани од Советот, кои се фокусирани на ограничување на растот на нето расходите, кој е клучен репер што се користи за следење на усогласеноста според постапката за прекумерен дефицит, додава претставничката на Еврокомисијата во изјавата за МИА. сп/паг/
Фото: Линкедин