Марија Пеликон и Ибрахим Мамудов победници на првата планинска трка ,,Голак Трејлс 2025" во Делчево
- Во Делчево денеска се одржа првата планинска трка „Голак Трејлс“ во должина од 13 километри, организирана постхумно во чест на Иле Гоцевски – возачот кој за време на несреќата во Кочани, непрекинато превезуваше пациенти и остана запаметен по својата храброст и пожртвуваност.
Делчево, 6 септември 2025 (МИА) - Во Делчево денеска се одржа првата планинска трка „Голак Трејлс“ во должина од 13 километри, организирана постхумно во чест на Иле Гоцевски – возачот кој за време на несреќата во Кочани, непрекинато превезуваше пациенти и остана запаметен по својата храброст и пожртвуваност.
Настанот, кој вчера беше најавен со подготовка на стартните пакети, привлече околу 200 учесници од повеќе македонски градови, како и гости од соседните земји.
Атмосферата беше исполнета со спортски дух, емоции и силна симболика, бидејќи преку трката се оддаде почит кон ликот и делото на Гоцевски.
Во машка конкуренција победник е Ибрахим Мамудов од Штип, додека во женска категорија најбрза беше Марија Пеликон од Скопје.
-Ова ми е второ учество на вакви трки. Настапувам за Ultra Trail Team. Прекрасно искуство, прекрасна природа, браво за организаторите, изјави за МИА победникот Мамудов.

Победничката во женска категорија Марија Пеликон изрази посебно задоволство од можноста да биде на Голак по повеќе години.
- Јас по татко сум од делчевско Драмче и Селник. Убаво е што после долго време можам да трчам на Голак. Прекрасна природа која треба да ја зачувате, истакна Пеликон.
За одбележување на денешната трка е и првото место на Калин Стефановски кој како осмооделенец ја истрча патеката за два часа. Тој апелираше младите активно да се занимаваат со спорт.
Организаторите изјавија дека со „Голак Трејлс“ се отвора нова страница во спортско-рекреативната понуда на Делчево и регионот.
-Оваа трка не е само спортски предизвик, туку и симбол на храброст, пожртвуваност и човечки вредности кои ги претставува ликот на Иле Гоцевски, истакнаа организаторите.
Со вакви настани, додаваат тие, Делчево се позиционира како центар на планинскиот туризам и рекреацијата во источниот дел на земјата, а трката „Голак Трејлс“ ќе стане традиција што ќе ги поврзува спортот, природата и хуманоста. вс/вг/
Фото: МИА