• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ: Со иницијативите за сорабока се зацврстува темелот на стабилен регион и стабилна Европа

Маричиќ: Со иницијативите за сорабока се зацврстува темелот на стабилен регион и стабилна Европа

Скопје, 27 март 2024 (МИА) – Приоритетите кои го обезбедуваат помирувањето, регионалната соработка и забрзувањето на евро-атлантските интеграции, но и зајакнувањето на демократијата, темелните права и вредности, владеењето на правото, борбата против корупцијата, безбедноста и климатските промени биле на агендата на денешниот министерски состанок на во Скопје, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, по состанокот на министрите за европски прашања на земјите-учеснички на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) 2024.

На состанокот, порача Маричиќ, покажавме дека сме обединети на нашето патување кон полноправно членство во ЕУ, како и дека на патот кон забрзана интеграција на целиот регион во ЕУ имаме силна поддршка во Стратегијата на ЈИЕ 2030 и Планот за раст на ЕК.

- Нашата одлучност е неприкосновена и од европската иднина нема да се откажеме, потхранети од соработката и пријателството со регионот и нашите соседи и нашите партнери. Охрабрени од пораките од денешниот состанок, верувам дека со иницијативите за сорабока се зацврстува темелот на стабилен регион и стабилна Европа, врз кој се надградува силната економско-социјална моќ со која располагаме и тоа можеме брзо да го постигнеме. Во Европа ќе бидеме посилни, во единството, во размена на придобивките и во соочувањето со предизвиците, нагласи Маричиќ.

На сите учесници на состанокот, посочи Маричиќ, ни е јасно дека реализацијата на стратегијата и планот за раст бараат константна работа, силна посветеност и сериозни заложби.

- Имаме заедничка согласност дека денешниот фокус мора да остане на поттикнување на регионалните врски меѓу луѓето и искористување на огромниот економски потенцијал на нашиот поширок регион, порача Маричиќ.

Економската интеграција и усогласување со единствениот европски пазар, нагласи Маричиќ, е доменот каде нашиот фокус мора да биде непопустлив.

-  Иницирањето реформи во клучните сектори за нашата регионална економија, промовирањето на трговијата и инвестирањето во регионалното поврзување не само што ќе ги поттикне нашите економии, туку ќе ја поттикне и нашата социо-економска издржливост и отпорност, порача Маричиќ.  

Учесниците на состанокот, подвлече Маричиќ, усвоиле заедничка изјава со која учесниците на ПСЈИЕ кои се земји членки на ЕУ ја нудат својата цврста поддршка на учесниците на иницијативата кои не се земји членки.

-    Ние учесниците на иницијативата стоиме обединети во нашата поддршка за директни придобивки за сите партнери во регионот преку постепена интеграција овозможувајќи усогласување со единствениот пазар на ЕУ, дури за време на процесот на проширување, не чекајќи полноправно членство, порача Маричиќ.

Во организација на владиниот Секретаријат за европски прашања (СЕП) денеска во Скопје се одржи состанок на министрите за европски прашања на земјите-учеснички на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) 2024, во рамки на претседавањето на Република Северна Македонија со оваа регионална организација.

Северна Македонија го презеде претседавањето со Иницијативата на 1 јули лани од Црна Гора. Мотото на претседателството е „Премостување поделби, градење доверба“, со вклучување на приоритетите за помирувањето, регионалната соработка и забрзување на евроатлантските интеграции.

ПСЈИЕ е основан 1996 година, и претставува најсеопфатен формат во регионот со оглед дека ги вклучува сите 13 држави од ЈИЕ: Албанија, БиХ, Бугарија, Грција, Северна Македонија, Романија, Србија, Турција, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Словенија и Косово. ра/аа/

Фото: МИА

Остани поврзан