• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ: Разрешувањето на судиите не е партиска чистка

Маричиќ: Разрешувањето на судиите не е партиска чистка
Скопје, 12 март 2021 (МИА) - Оваа Влада на ниту еден начин не ги перцепира судиите како партиски припадници, ниту како наши и ваши, ниту како ВМРО или СДСМ, туку ги гледа единствено како оние коишто се професионални, чесни и работат законски и оние коишто не го работат тоа. Треба секогаш да се покажува неселективност и мислам дека има широк спектар на иницијативи пред Судскиот совет којшто на дело можат да покажат дека не се работи за никаква партиска чистка, истакна вечерва министерот за правда Бојан Маричиќ. Тој, во интервјуто за емисијата „360 степени“ на Алсат М, нагласи дека најлошо би било Судскиот совет да заликува на тело кое што не постапува. - Мислам дека е добро што постапуваат и дека е добро што ги разрешуваат ситуациите и претставките или предметите што се пред нив. Сите добија шанса во претходните четири години. Ќе најдеме релација и со бизнисмени, ќе најдеме релација и со други партии, различни партии, и тие релации потојат. Дали тие релации влијаат во нивната работа, тоа е главното прашање. Мерката може да биде разрешување, а може да биде и нешто друго. Ако Судскиот совет одлучил така, јас навистина верувам дека имале добра причина, посочи министерот за правда. Тој изрази уверување дека Судскиот совет работи во вистинска насока се додека има основа за секоја постапка. Во никој случај, како што рече, нема никогаш да дадеме поддршка, ниту е тоа во ред со нашиот систем, да се носат одлуки врз основа на непостоечки докази или непостоечки ситуации. - Монтирани случаи, политички разрешувања не постојат во моментов. Она што постои е одлучување за секој случај поединечно. Секој судија добил шанса во оваа држава особено во последните четири години. И со ЕУ сме го дискутирале и со САД сме го дискутирале, доволно простор им беше дадено и на судиите и на обвинителите, без разлика кога биле избрани да ја покажат својата професионалност. Меѓутоа од друга страна ако Судскиот совет во повеќефазна постапка донел таква одлука и до колку Врховниот суд во некоја фаза ја потврди јас мислам дека треба да имаме доверба, нагласи Маричиќ. Министерот за правда потенцираше дека се согласува оти можеби треба да следуваат и побрзи или потемелни разгледувања на работата на определени судови. - Се отворија прашања за повеќе судови низ државата, меѓутоа мслам дека со интерниот план за проверка на работата на судовите, судиите и претседателите на судови, навистина ќе се зголеми квалитетот на работата и секој суд ќе си превземе свој дел од одговорноста за ефикасноста, за навремно решавање на случаите за недозволување на застарување и за праведно судење, истакна Маричиќ. Тој посочи дека дали се суштински или не разрешувањата не треба да кажат членовите на Судски совет, тие, како што рече, имаат јасно утврдена постапка која што е прецизирана согласно новата законска рамка од 2019 година и согласно која секогаш треба да наведат конкретни причини. - Ние веќе немаме разрешувања како што имаше порано, каде што истите фрази се користеа во сите разрешувања без конретни примери. А сега и за вчерашното разрешување, колку што знам, и за сите претходно беа наведени конкретни чекори. Тоа што можеби вам ви се чини несуштинско не мора да значи дека навистина не е суштинско за членовите на Судски совет или за судството и неговата репутација. Затоа јас не би навлегувал во тоа да давам констатација дека се работи за несуштински разрешувања. Напротив мислам дека за да гласаат 11 или 12 членови на Судски совет, треба да има добро образложени причини, наведе Маричиќ. Тој истакна дека верува оти тие добро образложени причини ги имаат и  оти смета дека впрочем постои постапка во која што разрешените судии имаат право на жалба и ќе се види дали ќе се потврди тоа или не. - До колку се потврдат тоа е единствениот системски начин за разрешување на овие ситуации. Мислам дека е голем исчекор тоа е самиот факт што имаме 12 разрешени судии од новата законска рамка до денеска.  Дел од тие постапки со години седеле кај Судскиот совет. Сега посотои клима, расположение и волја врз основа на нивниот интерен план за прочистување да ги разгледаат овие иницијативи и да одлучат. Мислам дека тоа е сериозен начин како да се динамизира судството, како да се зајакне одговорноста, како да се зголеми квалитетот на судството и како да се покачи довербата на јавната доверба, довербата на граѓаните во судството, заклучи Маричиќ. см/сп/

Тагови

Остани поврзан