• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ: Правиме чекор напред во евроинтеграциите, од КОВЕБ преминуваме во КОЕЛА

Маричиќ: Правиме чекор напред во евроинтеграциите, од КОВЕБ преминуваме во КОЕЛА
Скопје, 14 септември 2022 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, денеска заедно со премиерот Димитар Ковачевски и министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја имаа првата средба со работното тело на Советот на ЕУ надлежно за земјите кои преговараат. - Во текот на последните подготовки, денеска се одржува првиот работен состанок со КОЕЛА пред утрешниот почеток на скрининг процесот. Одиме чекор напред во евроинтегративниот процес, од КОВЕБ преминуваме во КОЕЛА, со што се потврдува ЕУ перспективата и поддршката од сите земји членки на Унијата за нашата земја, рече на состанокот Маричиќ. Како што соопшти СЕП, Маричиќ кој е и главен преговарач во преговорите со ЕУ ја искористи приликата и го изрази своето задоволство од брзиот трансфер во работното тело КОЕЛА, потенцирајќи дека постои подготвеност да имаат чести состаноци во наредниот период, додека Северна Македонија напредува во преговорите. - Процесот на проширување оди напред, отворањето на пристапните преговори за Северна Македонија и Албанија треба да се сфати како позитивен сигнал и поттик за сите максимално да се посветиме и брзо да ги испорачаме реформите, додаде Маричиќ. Маричиќ пред присутните делегати, претставници на земјите членки на ЕУ во работното тело за проширување при Советот на ЕУ, направи ретроспектива на подготовките за почетокот на преговорите, во изминатиот месец, истакнувајќи дека во периодот кој следи ќе се засили партнерската соработка со Европската комисија и земјите-членки на ЕУ. -Свесни дека преговарачкиот процес е сложен и предизвикувачки, ние како и секогаш сме подготвени да работиме тесно и во партнерство со Комисијата и нејзините служби, како и со земјите-членки на ЕУ, за побрзо да го завршиме нашиот дел од работата, рече тој. На состанокот Маричиќ уште еднаш ја потврди заложбата на Владата овој процес да биде транспарентен и инклузивен, со вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската заедница и бизнис заедницата и сите други засегнати страни. - Апсолутно е важно да имаме национален консензус за пристапниот процес и опозицијата да игра конструктивна улога во исполнувањето на нашата стратешка цел за полноправно членство. Во моментов ги операционализираме сите тела на структурата и паралелно Секретаријатот за европски прашања работи на развивање на насоки и градење капацитети за сите тела, истакна тој. Присутните на состанокот развија дискусија и за глобалните предизвици, како што се војната во Украина, енергетската и прехранбената криза, потребата за закрепнување по КОВИД, кибер безбедноста итн., кои се причина плус за Унијата да го заврши обединувањето на континентот. - Целосно обединета ЕУ ќе биде поотпорна и способна ефективно да одговори на сите сегашни и идни предизвици. За нас од другата страна нема алтернатива и затоа треба да го искористиме моментумот и со брзо темпо да се движиме кон полноправно членство во ЕУ, заклучи Маричиќ. Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Унијата, денеска заминува за Брисел, во пресрет на утрешниот почеток на скрининг процесот со Европската Унија. нд/са/

Остани поврзан