• понеделник, 16 декември 2024

Маричиќ од Стразбур: Посветени сме на преговорите, но потребен е национален консензус за ЕУ

Маричиќ од Стразбур: Посветени сме на преговорите, но потребен е национален консензус за ЕУ
Скопје, 5 октомври 2022 (МИА) - Парламентот ќе биде клучен партнер во пристапувањето во Европската Унија, од кого ќе зависи динамиката на текот на преговорите, особено од улогата и активноста на неговите тела - Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, изјави денеска во Стразбур заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, за време на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет меѓу Северна Македонија и ЕУ, прв откако нашата држава ги отвори преговорите со Европската Унија.

Во Европскиот парламент Маричиќ имаше свое обраќање по точката „Размена на мислења со претставници на Владата на Република Северна Македонија, Советот на ЕУ и Европската комисија за односите меѓу Република Северна Македонија и ЕУ“.

-17 години Северна Македонија го чекаше почетокот на преговорите со Унијата, сега мора да се има национален консензус и ќе дефинираме механизми за сите пратеници да се вклучат во процесот. Овој историски момент за исполнување на стратешката цел-Северна Македонија да биде членка на ЕУ и треба да го искористиме, рече Маричиќ пред членовите на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ.

Маричиќ во своето обраќање ја претстави новата усвоена преговарачка структура, која е дефинирана да одговори на новата методологија и истовремено да овозможи транспарентност и инклузивност на процесот, за кој, рече дека е потребно вклучување и соработка со различни чинители како што се граѓанското општество, академската и бизнис заедницата и сите други засегнати страни.

Маричиќ, како што соопштија од Секретеријатот за европски прашања, ја потврди посветеноста на Владата во обезбедувањето непречен процес на преговори со Унијата паралелно со одржувањето на добрососедските односи и реализацијата на преземените обврски. Воедно ги претстави и активностите кои Владата ги реализира во одредени поглавја и постигнатиот напредок, како и планираните активности во претстојниот период во продолжение на објаснувачките состаноци.

Пратеничката Соња Мираковска, копретседавачот на Мешовитиот парламентарен комитет Северна Македонија-ЕУ, изразила задоволство што овој пат македонските пратеници учествуваат на состанокот, кога Северна Македонија има поинаков статус во евроинтеграциите, како земја која ги отпочнала преговорите за членство во ЕУ, потенцирајќи дека тоа е благодарение на државничките одлуки и чекори кои беа преземени од страна на македонските институции во изминатите месеци.

-Свесни сме дека пристапните преговори не се едноставна техничка операција, туку комплексен пакет на реформи, адаптација на институционалната инфраструктура и засилена информативна активност во јавноста за предностите од нивното спроведување, рече Мираковска. Таа додаде дека Собранието на Северна Македонија и секој од нив поединечно како пратеници, ќе вложат максимални напори како и досега, процесот да тече непречено и дека ќе дадат придонес во обезбедувањето соодветна јавна поддршка, преку јавни дебата и директни контакти со граѓаните кои ќе обезбедат донесување на што поквалитетни законски решенија, во областите предмет на овие преговори.

Европратеникот Андреас Шидер во своето воведно обраќање рече дека кредибилитетот на ЕУ е потврден со почетокот на преговорите со Северна Македонија и Албанија и дека заслужено се материјализираше заложбата и посветеноста на евроитеграцијата на земјата, но сега дека е најважен партискиот дијалог и меѓупартискиот консензус, кој може да се унапреди во рамки на активностите од дијалогот „Жан Моне“.

На панелот на кој се обрати Маричиќ учествуваа и Микела Матуела, вршителот на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот Директорат за соседство и преговори за проширување на Унијата, која рече дека со почетокот на преговорите односите помеѓу Северна Македонија и ЕУ влегуваат во една нова фаза, а процесот на скринингот не е само технички, туку процес на трансформација.

Постојаниот  известувач за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук, посочи дека процесот на преговори е во сигурни раце и дека Северна Македонија ги заслужува сите пофалби за посветеноста на евроинтеграциите, регионалната соработка и добрососедските односи. бт/нд/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан