• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ: Нема никакви проблеми во функционирањето на техничката Влада

Маричиќ: Нема никакви проблеми во функционирањето на техничката Влада

Скопје, 4 февруари 2024 (МИА) - Досега нема никакви проблеми во функционирањето на техничката Влада. Очекувам таа да остане до крајот на мандатот, односно до почетокот на изборите, рече денеска првиот вицепремиер задолжен за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ.

Според него, веќе е одржана една седница и конституирани се владините тела.

-Се очекува во вторник да има можеби повеќе од една седница и да биде усвоен законот за рестриктивни мерки. Доколкку сите политички актери кои учествуваат во владата се на исто ниво на свесност дека оваа влада има приоритет на организирање фер и демократски избори, но и на менаџирање на сите прашања кои ќе дојдат на маса за одлучување во интерес на граѓаните, тогаш не очекувам да има проблеми до крајот на мандатот, истакна Маричиќ по положувањето цвеќе на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

Коментирајќи ја одлуката на Таравари да се приклучи кон албанската опозиција, Маричиќ оцени дека секој политички субјект има право да одлучи каде ќе се позиционира.

-Така е во демократија, така функционира. Но, контекстот, политичкиот момент денес во Северна Македонија ги дели и партиите и луѓето во партиите на генерлано два блока - оние што сакаат оваа држава да продолжи напред уште позабрзано со исправање на сите проблеми и недостатоци и да одиме на европскиот пат, значи сите оние што се за брзо зачленување во ЕУ и отстранување на сите пречки со широка политичка поддршка, и оние што сметаат дека се уште треба да се занимаваме со старите поделби, да ги поттикнуваме и да ги продлабоќуваме, односно тие што не се подготвени ниту да поддржат, ниту да придонесат за европскиот пат. Секој, дополни, ќе има прилика до почетокот на кампањата да се позиционира во однос на ова и сметам дека и граѓаните ќе имаат прилика во текот на кампањата да видат кој што има да понуди. Никој од нас не е во политиката да се бори за некаква функција, секој од нас треба да има мисија да ги поместува работите или државата напред колку што е можно и само така треба да ги цениме луѓето. Ние имаме комуникција со сите политички партии, вклучувајќи ја и Алијанса за Албанците. Тие се уште се наш коалициски партнер и ние веруваме дека Алијанса ќе има сила, во внатрешна дискусија, да донесе вистински одлуки за да припаѓа на победничкиот блок на изборите, подвлече Маричиќ.

На новинарско прашање дали е можно техничката влада да се „урне“ ако Алијанса се приклучи кон опозицијата, вицепремиерот е дециден дека тоа не го очекува.

-Не очекувам дека техничката влада ќе се „урне“. Не очекувам да се случи тоа. Очекувам да остане до крајот на мандатот, односно со денот на изборите сигурно, а пота веќе се други процедурите, подвлече Маричиќ.

Во врска со денешното чествување на роденденот на македонскиот револуционер Гоце Делчев кое помина во најдобар ред, без никакви провокации и инциденти, Маричиќ потенцира дека името и делото на Гоце доликува да се слави токму така, достоинствено, без конфликти, национализам и злоупотреба.

- Драго ни е што нема провокации од Бугарија годинава, името и делото на Гоце доликува да се слави без конфликти, национализам и злоупотреба, нагласи Маричиќ. мч/дма/

Фото:МИА

Остани поврзан