• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ на брифинг со членовите на КОЕЛА во Брисел: Да ја искористиме уникатната шанса за проширувањето на ЕУ 

Маричиќ на брифинг со членовите на КОЕЛА во Брисел: Да ја искористиме уникатната шанса за проширувањето на ЕУ 

Брисел, 7 декември 2023 (МИА) - Успешното завршување на скрининг процесот, следните планови во однос на доставувањето на потребните документи за реализација на реформите, стратегијата за Планот за раст што државата во моментов ја развива, како и предизвиците на патот кон ЕУ, беа главни теми на брифинг состанок што попладнево во Брисел го имаше вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ со делегатите од Работна група на Европскиот совет за проширување и за земји кои преговараат за членство во ЕУ (КОЕЛА). 

Маричиќ се заблагодари до членовите на Советот и до сите засегнати страни кои беа дел од скрининг процесот за поддршката која ЕУ ја дава и се осврна на тоа како можат делегатите да се вклучат и позитивно да влијаат во кругот на своето дејствување со цел Северна Македонија успешно да ги реализира процесите на патот кон ЕУ. 

Тој истакна дека со завршувањето на скрининг процесот се заокружува една многу важна фаза во која во 15 месеци нашите институции работеа со многу голема посветеност и чијшто резултат е неговата успешна реализација. 

Маричиќ се осврна и на следните чекори што треба да се преземат во однос на подготовката на патоказите за реформите и акцискиот план на кој институциите во моментов забрзано работат, како и на преземањето на одговорноста и усвојувањето на уставните амандмани и максималното фокусирање на стратегијата за Планот на раст.  

- Планот за раст е важна инстанца, односно одличен инструмент со кој ќе успееме да ги спроведеме потребните реформи на патот кон ЕУ, заклучи Маричиќ. 

Претставниците на државите членки на ЕУ во КОЕЛА, од своја страна, ја потврдија силната поддршка на нивните земји за продолжувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и пројавија интерес за тоа како би можеле да придонесат за успешно интегрирање на земјата во Европа.  

Тие се осврнаа и на следните чекори по завршувањето на скрининг процесот и за тоа како македонските граѓани можат да почувствуваат резултати на нашиот пат кон ЕУ.  

На состанокот вицепремиерот Маричиќ, говореше и за важноста на периодот кој следи за Северна Македонија со цел да се завршат обврските кои предвидени со Преговарачката рамка, вклучително и усвојувањето на уставните амандмани, спроведувањето на реформите и можностите да се искористи уникатната шанса за проширувањето на ЕУ со земјите од Западниот Балкан, Молдавија и Украина.  

На состанокот со делегатите од КОЕЛА присуствуваше и шефот на Мисијата на земјава при ЕУ во Брисел, амбасадорот Зулфи Исмаили. сп/са/

Фото: СЕП

Остани поврзан