• петок, 22 ноември 2024

Маричиќ: Целта на „Европскиот фронт“ е обезбедување на нашата европска иднина

Маричиќ: Целта на „Европскиот фронт“ е обезбедување на нашата европска иднина

Скопје, 27 февруари, 2023 (МИА) - Многумина изборната година ја сметаат за изгубена година, па затоа ние се трудевме да не дојде до предвремени избори во овој мандат, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, додавајќи дека се работи на создавањето на „Европски фронт“, кој ќе работи на обезбедување на европската иднина на земјата и ќе формира Влада и по наредните избори.

Осврнувајќи се на барањето на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за распишување на предвремени избори, Маричиќ, при гостувањето во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24, посочи дека тоа е единствениот начин на политичко дејствување на опозицискиот лидер, наметен за внатрепартиска употреба.

- Постојаната алузија на Мицкоски дека нема мнозинство и дека ќе има ново мнозинство или пак предвремени избори, всушност е само празна реторика за држење на своите поддржувачи на куп и давање надеж дека ќе има брзо избори. И самиот е свесен и самиот се демантираше дека наводно никогаш не рекол дека ќе има предвремени избори, а само за тоа зборуваат во Собрание, изјави Маричиќ, додавајќи дека следните парламентарни изборите ќе бидат редовни, кон средината на идната година.

Маричиќ истакна дека создавањето на „Европски фронт“ има за цел да го забрза процесот на евроинтеграција и спроведување на потребните измени на Уставот.

- Нашата цел е сите политички субјекти кои што го поддржуваат европскиот пат искрено да застанат на едно место и на една страна и јас сум сигурен дека тоа е мнозинството и дека тоа ќе не доведе во ситуација да формираме Влада и по наредните избори. Тоа не е европски фронт против никого, тоа е европски фронт за обезбедување на нашата европска иднина. Мислам дека не можете да говорите, како што тоа го прави ВМРО-ДПМНЕ, за Левица не коментирам бидејќи тие се отворено против ЕУ и НАТО, но ВМРО-ДПМНЕ говори номинално дека е за ЕУ, меѓутоа кога доаѓа момент да се даде поддршка за крупни, клучни и тешки политички одлуки, никогаш не е реално за, посочи Маричиќ.

Тој додаде дека во неколку наврати од ВМРО-ДПМНЕ при средби со амбасадори говореле дека ќе го сменат Уставот кога таа партија ќе дојде на власт.

Маричиќ посочи дека доколку тоа е прифатливо за ВМРО-ДПМНЕ, може да се усвојат уставните промени и потоа да се распишат предвремени избори, потсетувајќи дека тоа јавно го има кажано и премиерот Димитар Ковачевски.

Вицепремиерот најави отворен дијалог со сите партии и очекува дека тоа ќе започне по завршувањето на реконструкцијата на Владата во Собранието.

- Мислам дека ќе дојдеме до разумен заклучок дека во уставните измени нема ништо антимакедонско, вели Маричиќ и додава дека ние сме се обврзале пред ЕУ дека ќе ги внесеме Бугарите во Уставот, додека трае скринингот односно до ноември.

Доколку не ги направиме измените до ноември, додава Маричиќ, самите себеси ќе си ставиме вето за влез во Унијата и ќе спаднеме во групата земји, како Косово или Босна и Херцеговина.

Тој оценува и дека разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не е толку голема колку што покажуваат неодамна објавените анкети.

- Не е толкава разликата меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ како што велат објавените анкети. Освен тоа, не може да се гледаат само рејтинзите на овие партии. Мнозинството е „Европскиот фронт“ и ние ќе формираме влада по следните избори, потенцира Маричиќ. вг/сп/

Фото: МИА Архива 

Остани поврзан