Маричиќ: Кичеец во моментов е во затвор, укинат му е третманот кој го имал пред сообраќајката
- Министерот за правда Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на телевизијата Сител рече дека нема никаква основа барањето на ВМРО-ДПМНЕ тој да поднесе оставка оти, како шѕо тврдат од партијата
Скопје, 17 септември 2021 (МИА) - Министерот за правда Бојан Маричиќ во вечерашното гостување на телевизијата Сител рече дека нема никаква основа барањето на ВМРО-ДПМНЕ тој да поднесе оставка оти, како шѕо тврдат од партијата „осудени лица слободно шетаат низ државата“, нагласувајќи дека никој од нив не бил пуштен поради волја на кој било од власта.
- Памфлетите и соопштенијата со кои се бара моја оставка, немаат никаква основа ни во реалноста ниту во политичките наводи. Сите луѓе кои ги спомнуваат во нивните соопштенија, се под контрола на системот. Сите имаат определен статус кој го определил судот на барање на обвинителството или по свое наоѓање. Сите тие лица кога имало потреба да се движат, тоа го прават под строго контролирани услови под надзор и одобрение на судот. Никој од нив не е пуштен по волја на кој било од власта, истакна Маричиќ.
Тој рече дека е сосема нормално во демократските држави лица кои имаат здравствени проблеми, а кои се на издржување казна затвор или притвор, имаат право на лекарска нега.
За случајот со Зоран Милески-Кичеец, прекинот на издржување на затворска казна е даден врз основа на медицинска документација од страна на Управата за извршување санкции, која е должна да се грижи и за здравјето и безбедноста на затворениците.
- Во случај кога има оправдана медицинска документација, Управата има право да даде отпуст. Во моментот кога се случува сообраќајката, што е еден трагичен настан, верувам дека никој не го посакува, веднаш Кичеец најпрво е лишен од слобода, од болница, каде што бил на лекување. Од таму е однесен во обвинителството во Гостивар, од таму е однесен на издржување мерка притвор во затворот во Шутка, а Апелацискиот суд во Гостивар му го укинува притворот и го праќа на издржување затворска казна во Струга. Затворот во Струга, по дисциплинска постапка, му го одзема третманот, кој го имал дотогаш во отворениот дел од затворот и тој веќе нема ниту едно од тие права и поволности кои ги уживал до инцидентот што се случи, до сообраќајката, изјави министерот.
Маричиќ потенцира дека Зоран Милески-Кичеец сега е во затвор без можност да излегува, на издржување на затворската казна.
- Јавноста треба да знае дека се е законски. Нема отстапување од законот. Ние имаме во моментот одредена бројка на затвореници од затворите од Скопје кои се на лекување од Ковид-19 во Државната болница. Имаме ситуација на познати притвореници и затвореници кои повеќе пати биле носени во болница заради здравствен преглед, интервенција и друго. Тоа не е незаконски. Она што се случило со сообраќајката е навистина немил настан за што ќе се утврди одговорност, посочи министерот.
За шпекулациите дека поранешната специјална обвинителка Катица Јанева не е на издржување на затворската казна, Маричиќ рече оти неговите информации говорат дека таа е во Идризово. ир/сп/