• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ и Дробњак ги резимираа објаснувачките скрининг состаноци и хрватските искуства во евроинтеграциите

Маричиќ и Дробњак ги резимираа објаснувачките скрининг состаноци и хрватските искуства во евроинтеграциите
Скопје, 3 октомври 2022 (МИА) - На 7 ноември почнува билатералниот скрининг со ЕУ. Сите барања, задачи што ќе ги утврдиме во текот на билатералниот скрининг ќе бидат ставени во еден скрининг извештај за целиот кластер. Утврдувањето на тие скрининг извештаи ќе биде основа за утврдување на реперите на мерилата (бенчмарковите) за отворање на кластерите. Ова беше истакнато на брифингот за новинари на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и поранешниот хрватски преговарач со ЕУ, Владимир Дробњак, на кој беа резимирани објаснувачките скрининг состаноци за Кластерот 1 „Темели“ во Брисел и искуството на Хрватска во евроинтеграциите. Маричиќ потсети дека објаснувачкиот скрининг почна на 15 септември и ќе трае до 7 ноември, во чии рамки ќе биде извршено ажурирање на она што не сме го слушнале при објаснувачките состаноци во 2018 и 2019, а е нова регулатива од тогаш. Во меѓу време, на 7 октомври ќе почне скринингот за Вториот кластер „Внатрешен пазар“, а по завршувањето на објаснувачкиот, од 7 ноември започнува билатералниот скрининг. Вицепремиерот рече дека Првиот кластер „Темели“ има посебна тежина и важност и од него поизлегле неколку обврски, бидејќи на крајот на секоја скрининг сесија се претставува она што се очекува од нас до почетокот на билатералниот скрининг. - Поглавјата 23 и 24 што ги слушавме во изминативе три недели - судство и темелни права, правда, слобода и безбедноста, финансиска контрола, јавни набавки и статистика. Тие се сместени во првиот кластер со намера да се комплетира пакетот, да не биде само на 23 и 24, туку и се друго што е врзано со доброто владеење. Покрај овие поглавја (во кластерот) беа внесени и реформи во јавната администрација, политичките критериуми, функционирање на демократски институции - избори, политички прашања и исто така и економските критериуми и првпат економските критериуми се третирани како посебен дел на преговорите, односно како дел од првиот кластер, рече Маричиќ. Тој информира дека во билатералниот скрининг ние објаснуваме, презентираме, даваме оценка за тоа до каде сме со имплементацијата на европските стандарди во одредена област, но и преземаме обврска во кој рок и колку проценти проценуваме дека ни треба за усогласување со европските стандарди. - Од нас се очекува да се изјасниме дали во некои области бараме транзиционен период по членството и за кои области бараме времени дерогативни мерки, односно колку време ќе ни треба да речеме за животна средина, за некои други покомплицирани области, за кои ќе ни треба повеќе работа или повеќе финансиско вложување, рече тој. Нов момент, додаде Маричиќ, е забрзаното пристапување, односно членство, а тоа е обратно од транзициските периоди, односно дали има некои области каде што ние сметаме дека сме целосно усогласени и веќе сме подготвени да учествуваме во европските политики, во европските формати како државите членки. Како пример на забрзано пристапување го наведе ковид сертификатот, Северна Македонија беше прва земја надвор од државите членки која прва влезе во системот на ковид сертификати и тоа е еден пример како може да се учествува во системот на ЕУ и пред да се стане членка. - Она што се наши обврски до почетокот на скринингот е дека за секое поглавје ќе добиеме или прашалник или структура на презентација, како што тие нас по теми ни презентираат, така и ние ќе треба да презентираме во некои области. Веќе ни е најавен и прашалник при што треба да одговориме на дел од прашањата најдоцна десет дена пред почнувањето на билатералниот скрининг, а дел од прашањата треба да ги одговараме таму на лице место. Во тој меѓупериод, уште оваа недела треба да ги добиеме или прашалниците или структурата на презентација, за да можеме уште сега до 7 ноември да се подготвуваме за овој процес, рече тој. Маричиќ оцени дека билатералниот скрининг ќе ни донесе и поинтензивна динамика и поголем ангажман, но исто така е договорена и динамика за изготвување на оние три клучни патокази, што се во Преговарачката рамка. - Начелно е договорено до крајот на март ние да ги изработиме трите клучни инструменти за реформи, што се инструменти и за пристапување и од кои два се формален услов, а еден е неформален, меѓутоа важен елемент за отворање на кластерот Темели. Кога ќе го завршиме скринингот треба да ги имаме одобрено овие патокази од Советот, како услов за отворање на кластерот. Тоа се трите патокази - едниот е за владеење на правото, вториот е за реформи во јавната администрација, тие два се задолжителни, а третиот е за функционирање на демократските институции. Тој формално не е услов, меѓутоа е важен да го имаме и ние. Наша цел е до крајот на првиот квартал наредната година да ги имаме сите патокази што ќе ги предадеме на ЕК, која потоа ќе ги проследи до Советот, рече Маричиќ. Тој оцени дека на крајот од скрининг процесот во ноември 2023, се очекува ние да ги имаме инструментите што се предуслов за почеток на преговорите - тоа се скрининг извештаите. Тоа значи дека сите барања, задачи што ќе ги утврдиме во текот на билатералниот скрининг ќе бидат ставени во еден скрининг извештај за целиот кластер. Маричиќ потсети дека оваа фаза на објаснувачкиот скрининг до 7 ноември ја водиме заедно со Албанија, а натаму веќе се раздвојуваме, бидејќи треба да презентираме и да договараме директно со ЕК. Тој информира дека во средината на идната недела ќе биде промовиран новиот извештај на ЕК и оти во него не се очекуваат некои изненадувања. Вицепремиерот истакна дека тие извештаи ги гледаме секогаш како објективна оценка на работите и генерално се очекува позитивен извештај на ЕК. - Имаме силен аргумент и во делот на заедничката надворешна и безбедносна политика, бидејќи оваа година првпат имаме 100-процентно усогласување со сите пакети на санкции на ЕУ и со сите одлуки донесени во областа на заедничката надворешна и безбедносна политика, рече Маричиќ. Поранешниот хрватски преговарач Дробњак истакна дека е важно да се разбере техничката страна и терминологијата на процесот, со цел правилно информирање. - Во многу елементи овој процес е идентичен на оној што го помина Хрватска, но во некои е многу различен. Она што е новина, а ние го немавме, тоа се кластерите. Секоја држава е случај за себе. Битно е на јавноста да и се објасни дека преговорите се многу широки и комплексни. Во нив учествува целото општество и поради тоа е важно на јавноста да и се приближи овој процес, за подобро да го разбере, но и да се почувствува вклучена во процесот, рече Дробњак. Тој рече дека Северна Македонија има предност при зачленувањето во ЕУ затоа што е членка на НАТО, а како силен аргумент на предност го наведе и фактот дека државава има стопроцентна усогласеност со надворешната и безбедносна политика на ЕУ. На прашањето колку време очекува државава да преговара со ЕУ, Дробњак кажа дека тоа е невозможно да се предвиди. - Тоа, меѓу другото, е поради новата методологија. Водете сметка дека оваа методологија сега првпат се применува во практика со вас. Специфично за оваа методологија е дека таа од една страна ги прави преговорите дополнително тешки, но остава простор за дополнително забрзување, што ние го немавме. Така што одговорот на вашето прашање не е возможен, рече Дробњак. нд/ац/

Остани поврзан