• недела, 22 декември 2024

Маричиќ: Заедничкиот пазар на ЕУ, е нашата единствена шанса за развој

Маричиќ: Заедничкиот пазар на ЕУ, е нашата единствена шанса за развој

Скопје, 30 август 2023 (МИА) - Основно прашање на оваа кампања и на битката што ја водиме во општеството е каде сакаме Северна Македонија да припаѓа: дали сакаме да припаѓа на овој најголем мировен политички и економски проект (ЕУ), дали сакаме да припаѓаме на економското чудо или сакаме да веруваме во алтернативни приказни во кои многу малку луѓе веруваат од кои баш никој нема видено придобивки, истакна вечерва вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, на првата трибина „ЕУ за македонската економија“.

-Република Северна Македонија без дилеми припаѓа во Европската унија. Нашите граѓани без дилеми сакаат да бидат дел од Европската унија. Нашето економско чудо, нашиот политички развој и нашиот мировен проект е можен само во ЕУ, истакна Маричиќ. 

Вицепремиерот посочи дека европската дипломатија повеќе пати и помогна на нашата држава да излезе од криза, но исто така финансиската помош која во последните 15 години изнесува над една милијарда суштински придонесоа во повеќе аспекти од нашиот живот.

-Коридорот 10, голем број на инфраструктурни пректи, железнички станици во повеќе градови, канализации, водовод и инфраструктура, земјоделие, образование, рекордна искористеност на Еразмус програмите, заштита на нашето културно наследство, рече Маричиќ.      

Заедничкиот пазар на ЕУ, како што кажа вицепремиерот, е нашата единствена шанса за развој, комплетирање на нашиот мозаик, е возможен и остварлив само преку ЕУ. Ако сега користиме една милијарда евра преку ИПА проектите за 15 години, кога ќе бидеме држава членка на ЕУ ќе користиме од кохезивните и структурните реформи една милијарда годишно. Тоа е огромна разлика, вели Маричиќ. 

Во својот говор вицепремиерот посочи на примерите на Чешка и на Хрватска и нивниот развој по влезот во ЕУ. 

Амбасадорот на Кралството Шпанија Хозе Луиз Лозано Гарсија го пренесе искуството на неговата земја во пристапувањето на Европската унија, посочувајќи на поддршката што неговата држава и ја дава на земјата на европскиот пат. Влезот на Шпанија во ЕУ за земјата значело главно отварање и модернизација на шпанската економија, што доведе до поголема буџетска стабилност и претставува поттик за преземање на одредени структурни реформи...

-Членството во овој клуб нуди гаранција за мир, за стабилност и за безбедност, рече шпанскиот амбасадор. 

Според него, секојдневно можеме да зборуваме за конкретни и опипливи придобивки како слободата на движење, заштита како потрошувачи, на нашите податоци , здравственото покритие со носење на европската здравствена картичка...

На трибината вечерва во Скопје зборуваа премиерот Димитар Ковачевски, и министерот за економија Крешник Бектеши, Благица Петрески од Институтот за економски анализи Фајнанс тинк, како и Ирена Јакимовска од компанијата „Комфи Ангел“...

Со овој настан официјално започнува кампањата „Ние сме Европа“. Таа ќе се реализира во осум градови низ државата. Скопје, Битола, Куманово, Охрид, Прилеп, Струмица, Тетово и во Штип. Ќе се има конкретна тематска област, односно економија, култура, енергетика, туризам, земјоделие, млади, инфраструктура и социјална политика. ар/ев/

ФОТО: МИА

 

Остани поврзан