• понеделник, 23 декември 2024

Маричиќ-Линде: Шведска дава јасна поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија

Маричиќ-Линде: Шведска дава јасна поддршка за евроинтеграциите на Северна Македонија

Скопје, 3 јуни 2022 (МИА) - Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, одржа тет-а-тет средба со министерката за надвореши работи на Шведска, Анн Линде, на која беше потврдена принципиелната и доследна посветеност на политиката на проширување на ЕУ, преку поставените критериуми и поддршката која ја дава на Северна Македонија на евроинтеграцискиот процес.

- Шведска е една од нашите најголеми партнери која ѝ дава јасна поддршка за европските интеграции на Северна Македонија. Нѐ поврзуваат одлични билатерални односи, одлична соработка и припадност кон исти европски вредности, истакна вицепремиерот Маричиќ.

Како што соопшти СЕП, на состанокот било разговарано за текот на преговорите со Бугарија, од кои се очекуваат позитивни резултати, во духот на европските вредности и добрососедските односи.

Соговорниците дискутирале и за важноста на регионалната стабилност и безбедност, согласувајќи се  дека воениот конфликт во Украина ја промени геополитичката состојба и во ваква ситуација мирот, како неприкосновена вредност, повеќе од потребно е да се сочува.

Во таа насока министерката Анн Линде изрази голема благодарност за безрезервната поддршка што Северна Македонија ја дава за членството на Шведска во НАТО Алијансата.

Маричиќ и Линде го потврдиле пријателството помеѓу двете земји и одличната соработка која преку финансиска и експертска помош, е од суштинско значење во реформскиот процес и која вицепремиерот Маричиќ очекува дека ќе биде продлабочена во периодот кој следи.

Маричиќ во текот на денешниот дена имаше средби и со директорка на Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА), Керин Јамтин, на која ги разгледуваа можностите за идни активности во рамки на шведската Стратегија за реформска соработка 2021-2027, за континуирана поддршка во обезбедувањето помош за постигнување на нашите стратешки реформски цели и приоритети поврзани со интеграцијата во ЕУ. нд/бак/

Остани поврзан