Маринакис за вчерашниот прекин во авиосообраќајот во Грција: Не постои ни најмала индикација дека е кибернапад
- Според досегашните податоци, според истрагата спроведена од надлежните служби, не произлегува ни најмала индикација дека говориме за некој сајбер-напад, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во однос на вчерашниот проблем во воздушниот сообраќај во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Атина, 5 јануари 2026 (МИА) – Според досегашните податоци, според истрагата спроведена од надлежните служби, не произлегува ни најмала индикација дека говориме за некој кибернапад, истакна портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис во однос на вчерашниот проблем во воздушниот сообраќај во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Маринакис нагласи дека воопшто не беше ставена во опасност безбедноста на летовите и „ниту постоеше, ниту постои прашање за безбедност“.
- Веднаш ќе се формира комисија за истрага на она што се случи вчера со учество на пет членови: претставник на Националната комисија за телекомуникации, претставник од Управата за цивилна авијација, претставник од Генералштабот, претставник од европска организација Eurocontrol, за да има учество и на Европската унија во оваа истрага, како и претставник од Националната комисија за сајбер безбедност. Според досегашните податоци, не постои ни најмала индикација дека говориме за некој сајбер-напад и ова морам да го повторам и да го нагласам. Целта е да се дадат одговори на сите нивоа, за сето она што се истражува од првиот момент, а паралелно веќе поголем временски период Министерството спроведува активности за модернизација на системот, рече Маринакис.
Тој објасни дека планот на Министерството за транспорт и инфраструктура е постепено сите системи да се заменат со понови, но нагласи дека „тоа не значи дека со постојните системи не се почитуваат безбедносните протоколи“.
За неколкучасовниот целосен прекин во авиосообраќајот во Грција, обвинителството нареди итна прелиминарна истрага што ќе ја води Одделот за електронски криминал, со цел да се испита дали е извршено кривичното дело опасно попречување на воздушниот сообраќај, а доколку се потврди дека имало попречувања на речиси сите фреквенции на грчкиот воздушен простор, да се утврди нивното потекло. ср/ми/
Фото: Архива МИА