• четврток, 30 јануари 2025

Малта со најскапо, а Хрватска со најевтино обработливо земјиште во ЕУ 

Малта со најскапо, а Хрватска со најевтино обработливо земјиште во ЕУ 

Брисел, 28 јануари 2025 (МИА) - Просечната цена на хектар обработливо земјиште во ЕУ во 2023 година изнесувала 11.791 евра, додека годишната наемнина за изнајмување на ниви или пасишта била 173 евра за хектар, покажуваат податоците на Европската статистичка служба - Евростат. 

Меѓу 22-те земји на ЕУ за кои има достапни податоци, обработливо земјиште била најскапо на Малта и изнесувало 283.039 евра по хектар, што се припишува на ограничените површини со ниви и пасишта во земјата.  

По Малта, следи Холандија, каде просечна цена за хектар обработливо земјиште изнесувала 91.154 евра, а на трета позиција е Луксембург со 42.540 евра за хектар. 

Од друга страна, најниски просечни цени на обработливото земјиште се регистрирани во Хрватска во висина од 4.491 евра за хектар, пред Летонија со 4.591 евро и Словачка со 5.189 евра за хектар. 

Гледано по региони, по Малта, која се третира како еден регион, обработливото земјиште било најскапо во реонот на австрискиот главен град Виена со просечна цена од 189.000 евра за хектар, по што следат холандската провинција Флеволанд со 178.093 евра и шпанските Канарски Острови со 148 247 евра за хектар. 

Обработливото земјиште било најевтино во шведските региони Горен Норланд и Централен Норланд со цени од 1.951, односни 2.378 евра за хектар, по што следи францускиот Франш-Конт со 2.580 евра за хектар земјоделска површина. 

Кога станува за наемнините за обработливо земјиште во 21 земја членка на ЕУ за кои има достапни податоци, тие се највисоки во Холандија и изнесуваат 914 евра за хектар, а најниски во Словачка од 67 евра за хектар. 

По европски региони, наемнините за земјоделски површини се највисоки во Флеволанд и изнесуваат 1.787 евра за хектар, пред Канарските Острови со 1.164 евра и холандската провинција Северен Брабант со 1.111 евра за хектар. 

Како и цените, така и наемнините за обработливото земјиште се најниски во Горен Норланд и Централен Норланд во износ од по 24 евра за хектар, пред словачките региони Централна Словачка и Источна Словачка со по 43 евра за хектар. сп/ 

Фото: Евростат 

Остани поврзан