Малта прв противник на македонските тенисери во Дејвис купот
- Од утре до сабота на терените на ТК Југ во Скопје ќе одигруваат мечевите од Третата Европска група од Дејвис купот. Македонија оваа година ќе биде предводена од Калин Ивановски, кој по една година се враќа во националниот тим, а покрај него во тимот се уште: Берк Бугариќ, Амар Хусеиновиќ, Стефан Мицов и најмладиот Кристијан Јанев.
Скопје, 9 јуни 2025 (МИА) - Од утре до сабота на терените на ТК Југ во Скопје ќе одигруваат мечевите од Третата Европска група од Дејвис купот. Македонија оваа година ќе биде предводена од Калин Ивановски, кој по една година се враќа во националниот тим, а покрај него во тимот се уште: Берк Бугариќ, Амар Хусеиновиќ, Стефан Мицов и најмладиот Кристијан Јанев.
Селекторот Горан Шевченко истакна дека е добро што по четири години Македонија повторно е домаќин, но и дека тимот е добар и може да постигне добри резултати и секако да се пласира во повисока група (Втора Светска група).
- Добро е што ќе стартуваме против Малта, а потоа следуваат мечевите со Црна Гора (среда), Молдавија (четврток), Ерменија (петок) и Латвија (сабота). На почетокот на секој меч се играат двата сингла, кај нас ќе бидат Калин и Берк. Тие двајцата добро играат и како двојка тоа го покажаа и на Macedonian Open. Секако важно за тимот ќе биде другите да придонесат за реултатите. Латвија, Црна Гора, Молдавија и Македонија ќе конкурираат за првите три места, но не треба да се потценат ниту Малта и Ерменија. Секој меч ќе биде важен, изјави Шевченко на денешната прес-конференција.
Најдобриот македонски тенисер Калин Ивановски со апел до љубителите на тенисот во што поголем број да дојдат и да и дадат поддршка на македонската селекција.

- Среќни сме што повторно ќе играме на домашен терен, а ги повикувам гледачите да гледаат добар тенис и да ни дадат поддршка, напомена Ивановски
Во првото коло покрај мечот Македонија – Малта играат уште: Латвија – Црна Гора и Молдавија – Ерменија.
Почетокот на првите сингл мечеви е во 10:30 часот. Влезот е слободен. зс/
Фото: МИА