• четврток, 26 декември 2024

Малта е домаќин на нова рунда на мировни преговори за Украина

Малта е домаќин на нова рунда на мировни преговори за Украина

Ла Валета, 28 октомври 2023 (МИА) - Малта денеска и утре е домаќин на нови преговори за Украина, на кои нема да присуствува Русија. Toа е трета таква сесија, на која ќе учествуваат претставници на 50 земји. Состанокот следи по слични состаноци одржани летово во Џеда и во Копенхаген. 

Украинскиот претседател Володимир Зеленски се надева дека средбата во Малта ќе му даде поддршка за неговиот план од 10 точки за ставање крај на војната што избувна по руската инвазија во февруари 2022 година. 

На списокот учесници се и претставници на Турција, Бразил, Индија и Јужна Африка, кои ги задржаа своите врски со Русија.

Мировниот план на Зеленски бара Русија да ги повлече сите свои војници надвор од меѓународно признатите граници на Украина. Но, Русија, која најави анексија на четири руски региони во септември 2022 година - Луганск, Доњецк, Керсон и Запорожје, плус анексијата на Крим во 2014 година, отфрла какво било решение на конфликтот што би значело отстапување на тие територии. 

Портпаролката на руското МНР, Марија Захарова, веќе изјави дека чекорите како што е средбата на Малта немаат апсолутно никаква иднина и едноставно се контрапродуктивни. Таа го опиша состанокот како длабоко пристрасен и антируски и нема никаква врска со мирно решавање на украинската криза. 

Организаторите на настанот се надеваат на усвојување на заедничка декларација откако претходните две средби завршија без таков документ. Меѓу учесниците се САД, ЕУ, Велика Британија и други.

Кина не го потврди своето присуство.

Се очекуваат и претставници од различни земји како Австралија, Бахреин, Чиле, Грузија, Јапонија, Кувајт, Мексико, Катар и Тајланд, некои преку видео врска. Разговорите ќе се фокусираат на пет области - безбедност на храната, нуклеарна безбедност, хуманитарни прашања, обновување на територијалниот интегритет на Украина и енергетска безбедност. мс/

фото: МИА архива

Остани поврзан