• сабота, 13 декември 2025

Максимален број на поени за Кисела Вода во извештајот за транспарентност на ЦЕА

Максимален број на поени за Кисела Вода во извештајот за транспарентност на ЦЕА

Скопје, 25 јули 2025 (МИА) - Општина Кисела Вода е рангирана во листата на најтранспарентните општини во државата, покажува најновото истражување на Центарот за економски анализи (ЦЕА) за буџетска и даночна транспарентност на единиците на локалната самоуправа за периодот 2024–2025 година.

Како што информира Општина Кисела Вода, според објавениот извештај, Кисела Вода се вбројува во групата на десет општини кои добиле максимален број индексни поени за буџетска транспарентност.

Дополнително, истражувањето ја позиционира Кисела Вода и како една од општините со највисок степен на даночна транспарентност, благодарение на јасната и достапна комуникација со граѓаните за локалните даноци и постојаното објавување на релевантни информации.

- Во извештајот на ЦЕА се истакнува дека токму овие практики на отчетност, достапност на буџетски документи, граѓански буџети, редовно известување и вклучување на јавноста во креирање на политики, се клучни критериуми при оценувањето на транспарентноста на општините. Овој висок резултат е потврда на долгорочниот пристап на Општина Кисела Вода за градење на отворена, отчетна и ефикасна локална самоуправа, посветена на интересот на граѓаните, развојот и стабилноста, се вели во соопштението.

Градоначалникот на општина Кисела Вода Орце Ѓорѓиевски истакнува дека од првиот ден работат по начелата на транспарентност, отчетност и чиста работа.

- Резултатите од извештајот на ЦЕА само ја потврдуваат нашата определба, да градиме институции кои работат за граѓаните, со граѓаните. Максималните поени за буџетска транспарентност и високата оценка за даночна транспарентност се доказ дека можеме да бидеме модел на добро владеење. Преку отвореност, создадовме доверба, а преку довербата – напредок и економски развој. Ќе продолжиме по истиот пат, затоа што Кисела Вода заслужува модерна, силна и одговорна локална самоуправа, изјави градоначалникот Ѓорѓиевски. мд/дма/

Фото: МИА И Општина Кисела Вода 

 

 

 

Остани поврзан