• петок, 15 ноември 2024

Макрадули: Ќе ја вратиме Поштата кај граѓаните 

Макрадули: Ќе ја вратиме Поштата кај граѓаните 
Скопје, 1 март 2021 (МИА) - Утрово само за еден час направени се 500 трансакции од кои 92 во Поштата во Ѓорче Петров, со што повторно започна платниот промет во рамки на Пошта на Северна Македонија, но во еден поголем обем заедно со нашите партнери од Халк банка, порача денеска директорот на Поштата, Јани Макрадули. Тој нагласи дека со услуги стартувале во 35 поштенски единици, а за утре или задутре најави отворање на уште една, а до крајот на неделава, како што рече, по истекувањето на тест периодот за софтверски и безбедносни протоколи и за продукцискиот дел, ќе почне наплатата во сите 300 единици. - Повеќе од пријатно сум изненаден за одличниот одѕив што го има уште од првиот ден и со тоа само се потврди дека во Халк банка го најдовме вистинскиот партнер, ги поставивме добро темелите на нашата работа и верувам дека со секоја идна недела како што ќе вовоедуваме нови услуги граѓаните ќе бидат се позадоволни и позадоволни, изјави Макрадули по посетата на поштата во Карпош, заедно со членот на Управниот одбор на Халкбанк А.Д. Скопје, Буке Геречџи. Со тоа, потенцира Макрадули, се покажа нашата заложба и нашето верување дека ова е добра работа и за граѓаните, бидејќи провизиите од 35 денари за сметка за комуналните услуги што ги нудиме ние заедно со нашите партнери од Халк банка се најмали. - Тоа е добро и за двата деловни партнери и за Пошта и за Халк банка и ќе претставува финансиски сериозен влез за нашето работење и ќе ни овозможи да ја зголемиме нашата конкурентност и да се посветиме на другите приоритети од оперативниот план, како што се воведувањето на електронската трговија, на нови услуги, пакетот од граѓанин до граѓанин. На тој начин, нагласи, ќе ја вратиме Поштата таму каде што припаѓа – кај граѓаните, потенцира Макрадули. Како општествено договорна компанија, додаде Макрадули, ќе придонесеме за растоварување на турканиците пред банките, со што ќе се намали ризикот од ширење на коронавирусот и ги повика граѓаните да ги почитуваат мерките за заштита од Ковид-19 кога ќе ги плаќаат сметките во Пошта. Членот на Управниот одбор на Халкбанк, Геречџи рече дека со стартот на работата на платниот промет банката не само што ја исполни преземената обврска во рок од два месеци да го имплементира системот за готовински плаќања, туку и покажала дека е сериозен партнер кој во иднина, заедно со македонска пошта ќе настојува на граѓаните да им пружи одлична услуга. - Свесни сме дека платниот промет во Пошта е многу важен за граѓаните, не само затоа што е наједноставен и најевтин начин за готовински плаќања, туку и од причина што за жителите на многу населени места е и единствен начин за плаќање сметки, обврски кон државата, уплата на средства и слично. Токму затоа и настојуваме во најкус рок да го имплементираме системот за да може да профункционира платниот промет, рече Геречџи. Еден од приоритетите во работењето на Халкбанк, како што кажа таа, е давање одлична услуга и одлично корисничко искуство во што, верува дека за брзо време ќе се уверат и корисниците на банкарски услуги на АД Пошта. За плаќањето во готово преку шалтерите на Пошта ќе се зема провизија од 35 денари за сметки и други режиски трошоци, додека висината на провизиите за уплати кон буџетски установи е во зависност од износот кој се плаќа. Според најавите, во скоро време коминтентите на Халкбанк на шалтерите на Пошта ќе можат да вршат и директни плаќања од своите сметки, а ќе бидат овозможени и други банкарски, дополнителни услуги кои освен за коминтентите на Халкбанк, ќе бидат достапни и за сите кои ги користат услугите на Пошта. вј/сп/

Остани поврзан